Abdula Berisha
12 Јануари 2023•Ажурирај: 13 Јануари 2023
СКОПЈЕ (АА) - Новиот претседавач со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, преку мотото „За луѓето се работи“ ги афирмира клучните заложби за приоритетите врз кои ќе се фокусира претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседавачот Османи денеска во Виена имаше обраќање пред Постојниот совет, а потоа одржа заедничка прес-конференција со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид.
„Со голема чест и длабоко чувство на одговорност денеска го официјализирав претседавањето со ОБСЕ за Северна Македонија 2023 година“, рече Османи на почетокот на прес-конференцијата.
Тој нагласи дека најголемиот предизвик во имплементацијата на агендата ќе биде во контекст на тешките околности, додавајќи дека принципите и заложбите на ОБСЕ се извор на надеж и охрабрување.
„Руската воена агресија врз Украина, која ги урива самите основи и заложби на Организацијата, го зајакнува ова единство. Денес се чини дека нашите вредности се поважни од кога било. Актуелните предизвици не се причина за дефетизам, туку поттик за засилување на нашите напори и ангажман“, истакна Османи.
Претседавачот со ОБСЕ посочи дека Украина и понатаму ќе биде главен приоритет, но исто така, високо на агендата ќе бидат задржани и другите долготрајни конфликти во регионот на ОБСЕ, кои се извор на тензии и човечки страдања.
„Нашиот фокус овде во Хофбург мора да биде на луѓето. Тие треба да бидат во центарот на нашето внимание и размислувања. Сакам јасно да порачам, ние работиме за нив. Затоа, мотото и движечката сила на претседателството гласи: „За луѓето се работи“. Постои, би рекол, органска врска помеѓу ова кредо и целокупната мисија ОБСЕ. Мисијата ОБСЕ е формирана поради оваа причина, нејзината главна цел е да го спречи човечкото страдање“, рече Османи.
Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид, во својот говор истакна дека ОБСЕ ја започнува годината среде големи предизвици.
„Се согласувам целосно со она што го кажавте овде и во Постојниот совет, дека работата на ОБСЕ е за луѓето. Не мислам така само јас. Бев со вас сега во Постојниот совет и имаше толку голема поддршка за вашето излагање, но би рекла, и доверба во вашето лично раководство“, рече Шмид.
Таа истакна дека војната во Украина останува приоритет, потсетувајќи дека тројца членови на персоналот на ОБСЕ во регионите Доњецк и Луганск сѐ уште остануваат во незаконски притвор под непознати услови, и покрај напорите за нивно ослободување.
Шмид истакна дека ќе продолжат напорите и активностите на ОБСЕ во различни делови од светот, за многу прашања како што се борбата против корупцијата, климатските промени или други прашања во различни региони.
- „Внимателно ги следевме тензиите на северот на Косово“ -
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа дали може да дојде до прекин на руската агресија врз Украина додека рускиот претседател Владимир Путин е на власт, Османи истакна дека ќе се залага сите земји членки да ги почитуваат принципите и заложбите кои ги сноси членството во ОБСЕ.
„Кој ќе биде на власт во Русија, за тоа решава рускиот народ“, додаде тој.
Одговарајќи на новинарско прашање за другите долготрајни конфликти во регионот на ОБСЕ, Османи потсети дека вчера имал „долги телефонски разговори“ со министрите за надворешни работи на Азербејџан и Ерменија околу последните случувања во коридорот на Лачин.
„Внимателно ги следевме тензиите на северот на Косово. Можам само да ја поздравам деескалацијата со посредство на ЕУ што се случи неодамна. Ги покануваме двете страни да продолжат со комуникацијата и дијалогот и го охрабруваме дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ“, рече Османи.
Тој додаде дека во моментот, најголемата мисија на ОБСЕ во терен е во Косово, која, според него, има знаење, капацитет и кредибилитет од сите страни и која може да ги искористи механизмите на ОБСЕ, како надополнување на ангажманот на ЕУ и другите организации во Косово.