Husamedin Gina
13 Април 2022•Ажурирај: 14 Април 2022
СКОПЈЕ (АА) – Роберто Фико, претседателот на Домот на пратениците на Италијанската Република, истакна дека не треба да се одложува сонот на Северна Македонија за влез во Европската Унија и дека следниве месеци ќе бидат многу важни за можноста да се отворат преговорите за членство во ЕУ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, денеска имаше средба со претседателот на Домот на пратениците на Италијанската Република, Роберто Фико, кој престојува во еднодневна посета на Северна Македонија.
По завршувањето средбата, претседателите Џафери и Фико одржаа заедничка прес-конференција.
Роберто Фико, истакна дека официјално го поканил претседателот Џафери да ја посети Италија, за да се потпише протокол за зајакнување на соработката помеѓу двата парламента.
Осврнувајќи се на прашањето на започнувањето на преговорите на Северна Македонија за членство во Европската Унија, Фико нагласи дека целиот македонски народ има заеднички сон, да влезе во Европската Унија.
„Следниве месеци ќе бидат многу важни за можноста да се отворат преговорите за пристапување кон Европската Унија. Сметам дека не смее веќе да се одложува. Знам многу добро дека целиот македонски народ има заеднички сон, а тоа е сонот да влезе во Европската Унија. А ние како Европејци не можеме да го изневериме тој сон“, нагласи Фико.

Наведувајќи дека од суштинско значење е Западниот Балкан да биде прв стратешки партнер на Европската Унија, тој рече дека во ЕУ никој не може да го негира тоа и дека се надева дека тоа ќе биде препознаено како суштински приоритет.
Претседателот на Парламентот, Џафери, истакна дека денешната посета се остварува дури по 23 години од последната посета на еден претседател на Домот на пратениците на Италија во Северна Македонија, и дека земјата и Италија негуваат блиски и традиционално добри и пријателски односи.
Осврнувајќи се на парламентарната соработка која се одвива помеѓу соодветните пратенички групи во двата законодавни дома, Џафери потсети дека Северна Македонија и Италија се рамноправни сојузници во НАТО.
„Во актуелниот безбедносен концепт, со Италијанската Република сме рамноправни сојузници во НАТО, особено во рамките на мисијата СЕЕБРИГ во Република Северна Македонија, чија команда сега е стационирана во Куманово, исто и во КФОР во Република Косово, каде заменик-командант е италијански генерал-мајор и го изразив нашиот интерес за продлабочување на севкупните заемни односи бидејќи верувам дека заедничката соработка е реален придонес во воено-политичкото зајакнување на Алијансата и кохезијата меѓу нејзините земји членки и партнери“, нагласи Џафери.
Тој, исто така, наведе дека се отворени за развивање и унапредување на меѓудржавната соработка во сите сегменти каде што постои заемен интерес, како што се економија, култура, образование, туризам, здравство и др.