Husamedin Gina
16 Февруари 2021•Ажурирај: 17 Февруари 2021
СКОПЈЕ (АА) – Република Северна Македонија и Владата на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Сојузна Република Германија, денеска ја потпишаа заедничката декларација за намери за соработка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Поради епидемиолошките услови, потпишувањето на договорот се одржа по пат на видеоврска.
Договорот го потпишаа министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, и министерот за федерални и европски прашања и меѓународни работи на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Стефан Холтхоф-Фертнер.
На свечената церемонија во Скопје присуствуваше амбасадорката на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, Анке Холштајн.
На заедничката прес-конференција, одржана веднаш по потпишувањето на договорот, министерот Османи рече дека договорот претставува значаен успех и вистинска придобивка за дипломатијата на Северна Македонија.
„Главен приоритет на оваа заедничка декларација е поттикнување на соработката во делот на европската интеграција која ќе биде значаен поттик за нашата европска реформска агенда“, нагласи министерот Османи.
Осврнувајќи се на значењето од потпишувањето на декларацијата, министерот Османи нагласи оваа декларација ќе има значаен придонес во економската соработка помеѓу двете влади преку формирање кластери помеѓу претпријатијата, универзитетите и истражувачките установи.
Министерот Стефан Холтхоф-Фертнер, истакнувајќи дека Северна Македонија и покраината Северна Рајна-Вестфалија имаат големи заеднички предизвици, рече дека интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија е од особена важност и во интерес на Европската Унија.
Тој исто така истакна дека од особена важност е конкретната соработка меѓу Северна Македонија и Северна Рајна-Вестфалија.
„Ние сакаме оваа декларација да заживее во пракса. Министерството за економија разгледува можности за поинтензивна соработка во иднина“, нагласи министерот Холтхоф-Фертнер.
Амбасадорката на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, Анке Холштајн, потсетувајќи дека Северна Рајна-Вестфалија со 18 милиони жители е најгусто населената покраина во Германија, рече дека покраината е особено важна од политички и економски аспект и дека има 22 проценти удел во германскиот бруто домашен производ.
Меѓу другото, амбасадорката Холштајн додаде дека Германија е најважниот економски партнер на Северна Македонија.
Северна Рајна-Вестфалија, со население од речиси 18 милиони граѓани, е најголемата германска покраина по број на жители и е седиште на бројни водечки, не само германски, туку и европски индустриски и бизнис-капацитети.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Османи истакна дека се при крај со дефинирањето на Акцискиот план со Бугарија и дека може да почнат да ја договараат меѓувладината конференција.
Министерот Османи, исто така, додаде дека во дијалогот со Бугарија емоциите ќе бидат заменети со рационален пристап.