Riyaz Khaliq Khaliq
16 Јуни 2024•Ажурирај: 17 Јуни 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Кина, Си Џинпинг, на претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, и рече дека Вашингтон се обидува да го натера Пекинг да го нападне Тајван, објави Фајненшел тајмс, пренесува Анадолу.
Во извештајот на британскиот весник се наведува дека претседателот Си дал предупредување на состанокот со Фон дер Лајен во април 2023 година. Таа минатата година беше во службена посета на Кина, посета која се поклопи со државната посета на францускиот претседател Емануел Макрон.
Според весниците, Си рекол дека САД се обидуваат да ја измамат Кина да изврши инвазија на Тајван, но дека тој нема да го прифати мамецот.
Ова откритие доаѓа во моменти кога се високи тензиите во Тајванскиот мореуз. Кина на минатомесечната инаугурација Лаи Чинг-Те за нов претседател на Тајван одговори со воени вежби околу островот, за кој Кина тврди дека е нејзин. Тајпеј, меѓутоа, инсистира на својата независност од 1949 година.
Примедбите на Си веројатно се прв познат случај што кинескиот претседател ги изнел пред странски лидер.
Претседателот Си рекол и дека евентуален судир со САД би ја поткопал неговата цел да достигне големо подмладување до 2049 година.
Американските официјални лица последните години го засилија ангажманот со Тајван, но администрацијата вели дека останува приврзана на својата долгогодишна политика со Кина.
На дијалогот во местото Шангри Ла во Сингапур овој месец, кинескиот министер за одбрана Донг Џун изјави дека војската на Кина е подготвена насилно да ја запре независноста на Тајван.
Претходно кинеското МНР соопшти дека оние кои ја поддржуваат независноста на Тајван мораат да бидат „скршени“.