Admir Fazlagic
09 Февруари 2017•Ажурирај: 09 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Арбр Адеми денес оствари средба со Винченцо Амендола, државен потсекретар во Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од Секретаријатот за европски прашања соопштија дека на средбата се разговарало за Берлинскиот процес и претстојниот самит на земјите од Западен Балкан во Трст, за актуелната политичка ситуација во Македонија, како и за евро-атланските перспективи на земјата.
Вицепремиерот Адеми ја поздравил позицијата на Италија за континуираната и безрезервна поддршка за процесот на проширување и членство на Македонија во ЕУ, како и ставот на Италија дека сите земји од Западен Балкан треба да се приклучат кон ЕУ, час поскоро.
„Адеми истакна дека проектите финансирани од ЕУ за поврзување, особено во транспортот и енергијата, кои се од суштинско значење и за развојот на нашата економија, треба да се прошират и на Македонија. Тој побара поддршка од Италија за напорите за пристапување на Македонија во Јадранско-јонскиот регион и стратегија, потврдувајќи го регионалниот аспект и целосна вклученост на земјата во Транс-европските програми", стои во соопштението.
Се додава и дека Адеми и Амендола изразиле задоволство од досегашната билатерална соработка меѓу Македонија и Италија, која, како што се наведува, ќе продолжи и во претстојниот период.