Diyar Güldoğan
07 Јануари 2023•Ажурирај: 09 Јануари 2023
Министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, ќе ја започне турнејата низ пет африкански земји, почнувајќи од Јужноафриканската Република, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение ја потврди турското Министерство за надворешни работи.
По Јужноафриканската Република, Чавушоглу ќе ги посети Зимбабве, Руанда, Габон, како и Саун Томе и Принсип, се вели во соопштението.
Во понеделник Чавушоглу официјално ќе го отвори турскиот Генерален конзулат во Кејптаун, а следниот ден ќе има официјални средби во Преторија.
За време на посетата, што ќе заврши на 14 јануари, се очекува министерот да оствари билатерални средби со своите колеги.
„На состаноците на министерот Чавушоглу ќе се разговара за сите аспекти од нашите билатерални односи со горенаведените земји и ќе бидат разменети мислења за регионални прашања, како и за нашата политика за африканско партнерство“, се додава во соопштението на турското МНР.
Развојот на односите и соработката со африканските земји претставува еден од столбовите на повеќедимензионалната надворешна политика на Анкара.