Abdula Berisha
05 Септември 2024•Ажурирај: 06 Септември 2024
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи на Република Туркије, Хакан Фидан, во текот на официјалната посета на Северна Македонија се сретна со премиерот Христијан Мицкоски, и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, пренесува Анадолу.
Од Владата на Северна Македонија соопштија дека Мицкоски и Фидан разговарале за долгогодишното пријателство помеѓу двете држави, за актуелната политичка и економска состојба, како и за напредокот на Северна Македонија кон Европската Унија.
Премиерот Мицкоски истакнал дека економската и политичката соработка помеѓу двете држави е од огромно значење и дека има потреба од нејзино понатамошно продлабочување. Исто така, дискутирано било и за можностите за зголемено учество на турските компании во македонската економија и за нови инвестиции од Туркије.
„Како НАТО сојузници, Мицкоски и Фидан ја нагласија важноста на мирот и стабилноста во регионот, потенцирајќи дека дипломатијата останува клучна за решавање на сите конфликти“, се наведува во соопштението.
Мицкоски нагласи дека турското пријателство е од огромна важност за нашата земја, а турската заедница има значаен придонес во општествениот живот и економијата на Македонија. Воедно, е истакнато дека Туркије е докажан поддржувач и пријател на земјата и дека постои простор за продлабочување на односите во повеќе области.
- Гаши: Северна Македонија и Туркије негуваат силно традиционално партнерство -
На средбата со турскиот министер Фидан претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, истакнал дека Северна Македонија и Туркије негуваат силно традиционално партнерство и пријателство, додавајќи дека двете земји одлично соработуваат во рамки на НАТО, соопшти Собранието, а потпишан е и Протокол за соработка во делот на европските интеграции.

Гаши потсетил и на одличната економска соработка, нагласувајќи го фактот дека Туркије постојано е меѓу најзначајните трговски партнери.
„Во тој контекст, претседателот истакна дека нашиот интерес за унапредување на економската соработка и поттикнување турски инвестиции во земјава го потврдивме со испраќање на економски промотор во Туркије, а во таа насока работи и Стопанската комора на РСМ–РТ, МАТТО“, стои во соопштението.
Соговорниците се согласија дека двете држави ги поврзуваат историски и културни врски, а граѓаните од турската заедница во земјава и граѓаните кои се иселени и живеат во Република Туркије се мост за унапредување на односите.