Islam Uddin
13 Јануари 2023•Ажурирај: 16 Јануари 2023
АНКАРА (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) остануваат посветени на одбраната на Јужна Кореја во случај на „агресија“ од каков било вид од страна на Северна Кореја, соопшти Пентагон, пренесува Агенција Анадолија (АА).
За време на брифингот со новинарите, прес-сектретарот на Пентагон во воздухопловните сили, бригадниот генерал Пат Рајдер, одговарајќи на неодамнешните коментари на јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол дека неговата земја може да распореди тактичко нуклеарно оружје или да поседува сопствени нуклеарни капацитети, рече дека американската политика и понатаму останува фокусирана на целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.
„Многу од ова е поврзано со фактот од гледна точка на регионалната безбедност и стабилност и неширење на оружјето во смисла на спречување на потенцијалната шанса за употреба на нуклеарно оружје. И така, од перспектива на САД, повторно, нашата политика за денуклеаризацијата останува многу јасна“, рече Рајдер.
Портпаролот на Пентагон рече дека речиси 30.000 американски војници се стационирани во Јужна Кореја и се фокусирани на поддршка и одбрана на нивните сојузници.
„Значи, нашата посветеност кон оваа цел останува непобитна“, додаде тој.
Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол рече дека разгледува различни можности по зголемените повици за повторно воведување американско тактичко нуклеарно оружје во земјата или сопствено нуклеарно оружје.
„Постојат различни мислења низ нашата нација и во САД во врска со продолженото одвраќање, така што јас ги слушам внимателно и внимателно ги разгледувам различните можности“, новинската агенција „Јонхап“ ја цитираше изјавата на Јун, одговарајќи на прашање за каква било можност за прераспоредување на тактичко нуклеарно оружје.
Во 1990 година, САД го повлекоа тактичкото нуклеарно оружје од Јужна Кореја по договорот за разоружување со Советскиот Сојуз.
Тензиите во регионот започнаа во 2020 година кога Северна Кореја ја нападна и ја разнесе меѓукорејската канцеларија за врски долж границата со Јужна Кореја. Сеул се закани со силен одговор доколку Пјонгјанг дополнително ја влоши ситуацијата.