Servet Günerigök
31 Октомври 2018•Ажурирај: 31 Октомври 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Весникот „Вашингтон пост“ („The Washington Post“) соопшти дека сè уште ги чека одговорите за убиството на својот соработник Џамал Кашоги и го повика американскиот Конгрес да наметне санкции за одговорните за убиството, пренесува Anadolu Agency (AA).
Џамал Кашоги, саудиски новинар и колумнист во весникот, исчезна по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.
По неколкунеделно негирање дека имаат одредени сознанија во врска со Кашоги, саудиските официјални лица признаа дека Кашоги бил убиен при расправија во Конзулатот.
Во коментар, Уредничкиот одбор на „Вашингтон пост“ („The Washington Post“) истакнува дека она што му се случило на Кашоги останува неоткриено.
Одборот ги обвинува саудиските власти и, како што вели, нивните „де факто соучесници“, од администрацијата на американскиот претседател Трамп поради молкот наместо разјаснување на околностите во врска со убиството.
Се додава дека оние кои стојат зад убиството се надевале дека „барањата за одговорност постепено ќе се изгубат, сега, кога приказната е тргната од насловните страни. Тоа не смее да се дозволи да се случи“.
Одборот понатаму истакнува: „Саудијците ги знаат одговорите на прашањата, а можеби и г-дин Трамп. Експертите за Саудиска Арабија речиси се едногласни дека за таква смела мисија морало да се знае, и најверојатно била наредена, од страна на де факто владетелот на Кралството, престолонаследникот Мухамед бин Селман“.
Од Управниот одбор на весникот порачуваат дека Конгресот треба да ги повика директорката на ЦИА, Џина Хаспел, која беше во Турција минатата недела и за тоа го информирала Трамп, како и други високи американски претставници, и треба да испита што знаат во врска со убиството.
„Потоа треба да преземе одлучен потег за наметнување санкции кон одговорните, вклучувајќи го и Мухамед бин Селман, доколку расположливите докази насочуваат кон него; и да се преструктуираат односите на САД со Саудиска Арабија“, велат од Одборот.
Турскиот претседател Ердоган порача дека 18-те уапсени лица во Саудиска Арабија за убиството треба да бидат екстрадирани во Турција за да им се суди, додека саудискиот министер за надворешни работи, Адел ал Џубеир, истакна дека на осомничените ќе им се суди во Кралството, по завршувањето на истрагата.