Handan Kazancı
18 Октомври 2018•Ажурирај: 18 Октомври 2018
ЊУЈОРК (АА) - Весникот „Вашингтон пост“ синоќа ја објави последната колумна на новинарот Џамал Кашоги, кој на почетокот од овој месец исчезна по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Колумната на Кашоги е објавена со наслов „Она што на арапскиот свет најмногу му треба е слободата на изразување“.
Тој во текстот навел дека дошол до голем заклучок по прегледот на извештајот кој за слободата во светот оваа година го објави американската невладина организација „Фридом хаус“ (Freedom House).
„Постои само една арапска земја која е класифицирана како слободна. Тоа е Тунис. Во другата група како делумно слободни земји се Јордан, Мароко и Кувајт. Сите преостанати земји на арапскиот свет се во групата на неслободни држави“, се наведува во колумната на Кашоги.
Тој во текстот навел и дека поради редуцираните слободи, луѓето во поголемиот дел од арапските земји се неинформирани или дезинформирани.
„Тие луѓе не се во можност адекватно да укажуваат и јавно да дискутираат за темите кои се однесуваат на регионот и на нивниот секојдневен живот“, напишал Кашоги.
Во понатамошниот текст на колумната се наведува дека со јавното мислење доминираат провладините наративи, но дека големо мнозинство од популацијата станало жртва на тој лажен наратив.
„За жал, изгледа дека тоа нема да се промени“, напишал Кашоги, и додал дека на арапскиот свет му требаат меѓународните медиуми за луѓето да се информираат за глобалните случувања.
Кашоги напишал дека е уште поважно Арапите да креираат платформа со чие посредство светот ќе го слушне и нивниот глас.
„Страдаме од сиромаштија, лоши власти и образование. Луѓето во арапскиот свет, со посредство на независен и меѓународен форум, лишен од влијанието на националистичките влади, би можеле да укажат на структуралните проблеми со кои се соочуваат нивните заедници“, се наведува во колумната.
Со последната колумна на Кашоги објавен е и коментар на уредничката на весникот „Вашингтон пост“, Карен Атиа.
„Текстот на оваа колумна ми го прати преведувачот на Џамал Кашоги, и тоа ден откако е пријавено неговото исчезнување во Истанбул“, наведе Атиа.
Таа изјави дека досега не го објавила текстот бидејќи се надевала дека нејзиниот колега Кашоги ќе се појави, за заедно да ја уредат колумната.
„Сега морам да ја прифатам вистината дека тоа нема да се случи. Ова е неговото последно дело што ќе го објавам“, напиша уредничката Атиа.
Колумната, нагласува Атиа, перфектно ја одразува неговата посветеност и страст во борбата за слобода во арапскиот свет.
„Слободата за која најверојатно го даде и животот“, наведе Атиа, и изрази задоволство што имала можност да соработува со Кашоги во таа медиумска куќа.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post) Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври, откако влезе во комплексот на Конзулатот во Истанбул. Познат е како критичар на политиката што ја води актуелната власт на Саудиска Арабија, а го поддржуваше и весникот „Ал Ватан“ (Al Watan), кој претставува главна патформа на саудиските реформисти.