Kaan Bozdoğan,Kübra Kara
25 Мај 2022•Ажурирај: 26 Мај 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - По повод 25 мај - Денот на Африка, во турскиот град Истанбул започна Медиумскиот самит Турција - Африка во организација на Одделот за комуникации при турското Претседателство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Самитот ќе трае два дена, а на неговото отворање свое обраќање имаше шефот на Одделот за комуникации, Фахретин Алтун.
Овој самит има за цел зајакнување на соработката и координацијата меѓу турските и африканските медиумски работници, споделување искуства, како и развивање на перспективата на партнерство.
Покрај 80 медиумски претставници од 45 африкански земји, на Самитот учествуваат и африкански дипломати, челници на јавни институции, медиумски претставници, професори, како и претставници на невладиниот и приватниот сектор.
Во рамки на Самитот ќе се организираат сесии на разни теми, како предизвиците во новинарството по пандемијата, дигиталната опсада, родовата еднаквост во медиумскиот сектор.
На оваа програма турските и африканските новинари ќе разговараат за африканската перспектива на глобалните медиуми, во чии рамки ќе се споделат оценувања во врска со меѓународниот поредок.
Самитот ќе заврши со специјалните сесии кои ќе се одржат по презентациите реализирани од страна на претставниците на турските компании кои инвестираат во Африка и на институциите и организациите кои даваат придонес во човечкиот капитал на континентот.
Се очекува дека овој настан ќе ја подигне свеста за Турција кај африканските медиуми и ќе ја зајакне соработката на Турција со африканските земји во областа на медиумите и комуникацијата.