Mehmet Alaca
20 Мај 2022•Ажурирај: 21 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Во Шри Ланка, која се бори со најтешката економска криза во својата историја, училиштата денеска беа затворени поради недостиг на гориво, а од јавните службеници побарано е да не доаѓаат на работа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за јавна администрација на Шри Ланка соопшти дека државните службеници, освен оние кои ги одржуваат основните услуги, денеска отсуствуваат од работа „поради тековниот недостиг на гориво и проблеми со транспортните капацитети“ низ целата земја.
Исто така, затворени се и јавните и приватните училишта поради зголемен недостиг на гориво.
Илјадници луѓе низ земјата со денови чекаат во редица за гориво на бензинските пумпи.
Гувернерот на Централната банка, Нандалал Верасинге, соопшти дека износот на девизи што поединците можат да го држат кај себе ќе се намали од 15.000 на 10.000 долари.
Инаку, во Шри Ланка народот ги интензивира демонстрациите на крајот на март поради прекините на струја од 13 часа на ден.
На 9 мај дојде до судир меѓу демонстрантите собрани околу зградата на Кабинетот на премиерот и поддржувачите на Владата. Во главниот град Коломбо на должност беа повикани воени единици.
По зголемениот притисок од опозицијата, премиерот Махинда Рајапакса поднесе оставка на 9 мај. Автоматски се распушти и Кабинетот поради оставката на премиерот.
Претседателот на Шри Ланка, Готабаја Рајапакса, на 12 мај за премиер на земјата го назначи Ранил Викремесинге. Претходно Викремесинге три мандати беше премиер на земјата.
По насилството беше прогласен полициски час низ целата земја, а Владата нареди да се пука врз секој што наштетил на јавен имот за време на протестите.
Во протестите кои се проширија низ земјата, животот го загубија 8 лица, меѓу кои пратеник од владејачката партија и двајца полицајци, а 250 лица беа повредени.
Жителите на Шри Ланка моментално се борат со недостиг на гориво, прекини на струја и зголемени цени на храната и транспортот.