свет

„Воспоставувањето нови равенки во надворешната политика не е избор, туку неопходност за Туркије“

Претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека Туркије не е земја што може да се стисне во еден блок, со своите географски, човечки, економски и историски врски. „Ниту му вртиме грб на Истокот заради Западот, ниту го игнорираме Западот заради Истокот“

Esra Tekin, Seda Sevencan  | 17.07.2024 - Обновена : 18.07.2024
„Воспоставувањето нови равенки во надворешната политика не е избор, туку неопходност за Туркије“ Фото: Емин Сансар/АА

ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера изјави дека воспоставувањето нови равенки во надворешната политика не е избор, туку неопходност за Туркије, известува Анадолу.

„Во период кога нашиот регион е постојано на работ, воспоставувањето нови равенки во надворешната политика не е само избор, туку и неопходност за Туркије“, рече Ердоган во обраќањето по седницата на Владата.

Турскиот претседател истакна дека Туркије не е земја што може да се стисне во еден блок, со своите географски, човечки, економски и историски врски.

Зборувајќи дека не може да дозволи некој да ги затвори Турците во ‘тесни калапи’, Ердоган додаде:

„Ниту му вртиме грб на Истокот заради Западот, ниту го игнорираме Западот заради Истокот“.

Во врска со израелските безмилосни напади на Појасот Газа и палестинските територии, Ердоган рече дека Туркије нема да го промени својот однос кон Израел, сѐ додека продолжува неговата политика на масакри, окупација, геноцид во Газа и во другите палестински територии.

„Дури и доколку угнетувачите, кои се хранат со крв, солзи и окупација, се вознемирени, Туркије цврсто стои покрај Палестина и ќе продолжи да го прави тоа“, рече Ердоган.

Осврнувајќи се на неодамнешниот самит на НАТО што се одржа минатата недела во Вашингтон, Ердоган упатувајќи критики го рече следното:

„Оружјето што сојузниците ѝ го дадоа на нашата земја со двоумење, излегува од скривалиштата на сепаратистичко-терористичка организација“.

Изјавувајќи дека биле плодни состаноците со кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин одржани за време на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) што се одржа во Астана, главниот град на Казахстан, претседателот Ердоган рече дека вратите на Туркије се широко отворени за секоја инвестиција што ќе обезбеди дополнителна вредност за економијата на земјата.

За можната средба со сирискиот претседател Башар ал-Асад, Ердоган рече:

„Веруваме во корист од олабавување на стисокот. Искрено се надеваме дека ќе го решиме конфликтот со разговор на преговарачка маса и со меѓусебен дијалог.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.