Abdullah Aşıran
29 Август 2017•Ажурирај: 30 Август 2017
УТРЕХТ (AA) - Претседателот на Фондацијата за безбедност и правда, Нурдин Вилдеман, изјави дека поради нападите и насилствата врз Рохинџа муслиманите, треба да се изврши дипломатски притисок врз властите на Мјанмар, јавува Anadolu Agency (AA).
Вилдеман, лидер на организацијата што во 2013 е основана во Холандија, со цел да им се даде поддршка на муслиманите на Аракан, во разговор со новинарот на АА се осврна на последните случувања во Мјанмар, односно на насилството и нападите на тамошните муслимани.
Тој истакна дека насилството врз Рохинџа муслиманите достигнало загрижувачка и застрашувачка димензија.
„Загрижувачки е бидејќи доколку вака продолжи, може да се случи поголема катастрофа. Одредени организации наведуваат дека е на повидок нов геноцид на Рохинџа муслиманите. Не се далеку од тоа“, изјави Вилдеман.
Тој нагласи дека меѓународната заедница може да го подигне својот глас против насилството врз муслиманите во Мјанмар.
„Сите земји што имаат економски односи со мјанмарските власти мораат отворено да порачаат дека доколку ова насилство продолжи, ќе ја прекинат економската размена со Мјанмар. Освен економското ембарго, потребно е против стратегиите и методите што ги практикуваат мјанмарските власти да се врши и дипломатски притисок“, порача Вилдеман и додаде: „Во постојан контакт сме со холандските претставници и со Министерството за надворешни работи на Холандија за во оваа земја да се зборува повеќе за насилството врз Рохинџа муслиманите. Имаме соработка и со организациите кои ги претставуваат Рохинџа муслиманите во светот“.