Servet Günerigök
19 Јули 2024•Ажурирај: 22 Јули 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Обединетите нации (ОН) вчера соопштија дека дводржавното решение не може да се отфрли како одговор на резолуцијата што ја усвоил израелскиот Парламент и со која се отфрла воспоставувањето палестинска држава, известува Анадолу.
Портпаролот Стефан Дужарик рече дека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, е разочаран од одлуката на израелскиот Парламент (Кнесет) да ја усвои резолуцијата.
„Јасно е дека не може да го отфрлите дводржавното решение“, им рече Дужарик на новинарите.
Тој потсети дека Гутереш повеќепати рекол дека верува оти ставањето крај на окупацијата и преговорите за дводржавно решение, каде што Израел и независна, демократска и суверена држава Палестина постојат во мир и сигурност во границите од 1967 година со Ерусалим (Кудс) како главен град на двете земји, е единствен пат кон мир за народот на Израел и народот на Палестина.
„Значи, усвоениот предлог за нас е во спротивност со резолуциите на ОН, меѓународното право и претходните договори и Гутереш уште еднаш искрено ги повикува Израелците да не прават ништо што нѐ оддалечува од решението на две држави“, додаде Дужарик.
Во резолуцијата што ја усвои Кнесетот се наведува дека воспоставувањето палестинска држава во срцето на Израел би претставувало егзистенцијална опасност за државата Израел и нејзините граѓани, би го продлабочил израелско-палестинскиот судир и би го дестабилизирал регионот“.
Гласањето следуваше пред премиерот Бенјамин Нетанјаху да се упати за Вашингтон во недела на средба со американскиот претседател Џо Бајден и да се обрати пред Конгресот.
Кнесетот во февруари гласаше еднострано за одбивање на признавање на палестинската држава.