Elena Trenchevska Chekovic
02 Октомври 2025•Ажурирај: 06 Октомври 2025
СКОПЈЕ (АА) - Група демонстранти денес се собра пред метростаницата Вембли Парк во Лондон држејќи транспаренти на кои пишуваше „Исклучете го Израел од УЕФА и ФИФА“, јавува Анадолу.
Демонстрантите маршираа до предниот дел на стадионот Вембли, извикувајќи слогани и барајќи итно отстранување на Израел од меѓународните фудбалски организации.
Се зголемува импулсот за суспендирање на Израел од меѓународниот фудбал, а Унијата на европски фудбалски асоцијации (УЕФА) е под сè поголем притисок да одржи гласање за тоа дали да им се забрани на израелската репрезентација и нејзините клубови да се натпреваруваат.
Повиците се зголемија последните денови, поттикнати од апелите на експерти на Обединетите нации, национални фудбалски федерации и политички лидери, кои тврдат дека постапките на Израел во Газа се некомпатибилни со вредностите на меѓународниот спорт.
Минатата недела експертите на ОН ги повикаа Меѓународната федерација на фудбалски асоцијации (ФИФА) и УЕФА да го суспендираат учеството на Израел, опишувајќи го тоа како „неопходен одговор за справување со тековниот геноцид на окупираните палестински територии“.
Од октомври 2023 година во израелските напади убиени се над 66.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца. ОН и групите за човекови права постојано предупредуваат дека енклавата станува непогодна за живот и дека гладот и болестите брзо се шират.