Necva Taştan Sevinç
02 Октомври 2025•Ажурирај: 03 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (АА) — Израелските власти планираат да спроведат наредба за присилно протерување на сите притворени активисти од Глобалната флотила „Сумуд“, рече денес италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, пренесува Анадолу.
Тајани за новинарите изјави дека Израел има намера да издаде колективна судска одлука и на 6 и 7 октомври да ги пренесе активистите на аеродромот „Бен Гурион“, а оттаму со два посебни лета до европските престолнини, објави италијанската новинска агенција Раи.
„Засега тие побараа Мадрид и Лондон, но ќе видиме. Не верувам дека летовите ќе бидат до Италија“, рече Тајани, додавајќи дека меѓу притворените има и 22 Италијанци и потврди дека „сите се безбедни“.
Тајани посочи дека активистите ќе бидат пренесени во затвор во Бершеба по празникот Јом Кипур.
Тој истакна дека италијанската амбасада утре ќе започне со конзуларни посети и ќе ги продолжи во недела по Шабат.
Во меѓувреме, италијанската премиерка Џорџа Мелони, зборувајќи од Копенхаген, вети дека нејзината Влада ќе ја обезбеди сета потребна помош за безбедно враќање на италијанските членови на екипажот „колку што е можно поскоро“. Таа додаде дека флотилата „не обезбедува никаква корист за палестинскиот народ“.
Израелските поморски сили ја нападнаа флотилата додека се приближуваше кон брегот на Газа доцна синоќа и приведоа најмалку 443 активисти од бродовите, соопштија организаторите.
Меѓународниот комитет за пробивање на опсадата на Газа (ICBSG) потврди дека 22 брода биле нападнати и запленети од израелските сили, а се верува дека нападнати се уште 19, но сè уште не ги документирал.
Од четирите преостанати брода, два брода за поддршка се вратија назад, а бродот „Маринет“ продолжи да плови кон Газа, но сè уште беше далеку по доцното пристигнување поради технички дефекти, додаде тој.
Флотилата, која превезуваше главно хуманитарна помош и медицински материјали, тргна кон крајот на август. По многу години тоа беше првпат околу 50 бродови заедно да тргнат кон Газа, носејќи стотици цивили поддржувачи.
Речиси 18 години Израел ја држи Газа под блокада, каде што живеат речиси 2,4 милиони Палестинци, а дополнително ја заостри опсадата во март кога ги затвори граничните премини и ги блокираше испораките на храна и лекови, туркајќи ја енклавата во глад.
Од октомври 2023 година во израелското бомбардирање убиени се над 66.200 Палестинци, повеќето од нив жени и деца. Обединетите нации и групите за човекови права постојано предупредуваат дека енклавата станува несоодветна за живот и дека гладот и болестите брзо се шират.