Tevfik Durul
29 Ноември 2017•Ажурирај: 29 Ноември 2017
ПЕКИНГ (АА) - Северна Кореја изврши успешно тестирање на интерконтинентален балистички проектил, пренесува Anadolu Agency (AA).
Централната телевизија на Северна Кореја соопшти дека е лансиран интерконтинентален балистички проектил од новата генерација, наречен „Hwasong-15“.
Во веста на телевизијата се наведува дека тестирањето е успешно извршено, со наредба на лидерот на земјата, Ким Џонг-ун, и се тврди дека овој проектил има капацитет да ја погоди територијата на САД.
Според официјалната новинска агенција на земјата, KCNA (КЦНА), тестирањето е извршено во место надвор од Пјонгјанг, а лидерот на оваа земја раководел со процесот на лансирање на проектилот.
„По гледањето на успешното лансирање на новиот тип балистички проектил 'Hwasong-15', Ким Џонг-ун со гордост изјави дека сега конечно ја сфатиле големата историска причина за комплетирање на државната нуклеарна сила, причината за изградба на ракетната моќ“, се вели во веста на „KCNA“
Во соопштението на администрацијата на Пјонгјанг се вели дека целта на Северна Кореја со развивањето стратешки оружја е заштита на својот народ, суверенитет и на територијалниот интегритет против нуклеарната политика и заканите на САД.
„Сѐ додека не се прекршуваат интересите на Северна Кореја, овие балистички тестирања не претставуваат закана за ниту една земја или регион. Пјонгјанг како една одговорна нуклеарна сила и држава што го поддржува мирот, ќе вложи секаков вид на напор во заштитата на светскиот мир“, се наведува во соопштението.
Во веста на „KCNA“ се информира дека „Hwasong-15“ има поразвиени карактеристики од „Hwasong-14“, кој беше тестиран во јули, и оти е завршен проектот на оваа земја за развивање балистички оружја.
Не се дадени други подетаљни информации околу проектилот за којшто се тврди дека има капацитет да го погоди кое било место во САД.
Според оваа вест, споменатиот проектил е лансиран во 02.48 по локално време, и паднал во одредена цел во Јапонското Море.