Şenhan Bolelli
28 Ноември 2019•Ажурирај: 29 Ноември 2019
МАДРИД
Поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, и поранешниот премиер на Шпанија, Хосе Марија Аснар, изјавија: „Европа и западната цивилизација се на пат кон колапс“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Саркози и Аснар во Мадрид зборуваа на еден студентски форум.
Двајцата поранешни политички лидери, кои се со десноориентирани гледишта, изјавија дека Европа е на пат кон колапс и упатија апел до демократските и конзервативните партии „да запрат со опсервацијата и да преминат во акција“.
Саркози изјави: „Иако во текот на стотици години светската оска минува низ Западот, денес таа се стреми кон Истокот“. Тој посочи дека од над 7 милијарди луѓе на светот, само 800 милиони живеат во Европа и истакна дека поради демографски причини, Европа повеќе не е „центар“ на светот.
Поврзувајќи ја кризата во Европа со „застарените политички ставови“, Саркози продолжи со зборовите:
„Јас сум Европеец кој е разубеден, но веќе е потребно да се запре зборувањето за Европа од '70-тите. Федералните дискусии повеќе немаат никакво значење. Како сакаат единствена Европа со 27 земји? Јас гледам 4 различни Европи. Тоа се шенгенска, монетарна еврозона, одбранбена и единствена Европа. Верувам дека нема еднаквост и дека таа не се посакува. Јас верувам во различностите. Наместо да бидеме опседнати со минатото, потребно е да размислуваме за иднината на Европа.“
„Под притисок на социјалните медиуми, во Европа е создадена ‘нова мода’ со која се бара одобрување од секој сегмент од општеството, а всушност потребно е лидерство за решавање на глобалните проблеми“, рече Саркози. „Еден лидер, еден тим, една визија, една амбиција. Во тоа верувам јас. А во нашето општество во моментов лидерството се прикажува како да не е легитимно, законско. Светот напредува со многу голема брзина, а лидерите за да преминат во акција се во исчекување на гледиштето на здружение од последните редови. Ова не е демократија“, прокоментира Саркози.
- „Трамп не е причина за колапсот на Западот, тој е само нејзин показател“
На прашањето во врска со претседателот на САД, Доналд Трамп, Саркози одговори: „Доколку во земја, која е број еден според воената и економската моќ во светот, за претседател се избира Трамп, тогаш тоа многу кажува за американското општество. Ги сакам моќните Соединети Американски Држави кои покажуваат пат, но сметам дека таа моќ во никој случај не може да се обезбеди со еден твит. Трамп не е причината за колапсот на Западот, тој е само нејзин показател.“
Поранешниот шпански премиер Аснар истакна дека ЕУ без НАТО, самостојно не би можела да се справи со прашањата како што се „Брегзит, Русија, тероризмот и виртуелната безбедност“.
„30 години по уривањето на Берлинскиот ѕид либералниот поредок се соочува со предизвик. Нема логика Европа без НАТО самостојно да формира одбранбена моќ. Невозможна е заштитата на стабилноста без ветувањето на САД. Најдобро е да се изврши реконструкција на НАТО и одново да се преструктурира“, истакна Аснар.
Аснар и Саркози се обединети во констатацијата дека конзервативците и либералните демократи ја „загубиле војната“, опишувајќи го Брегзит како „драматичен настан и лудило кое ѝ се спротивставува на историјата“.