Büşra Nur Bilgiç
28 Ноември 2019•Ажурирај: 29 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Украинскиот министер за надворешни работи, Вадим Пристаико, ја критикуваше одлуката на „Епл“ (Apple) за прикажување на Кримскиот Полустров како дел од Русија за руските корисници на нивните производи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ајфоните се извонредни производи. Навистина, @Apple, ве молам, држете се до високата технологија и забава. Глобалната политика не е ваша силна страна. #CrimeaIsUkraine (Крим е Украина)“, напиша Пристаико на социјалната мрежа Твитер.
„Замислете, довикувате некому дека вашите дизајни и идеја, години на работа и дел од вашето срце се украдени од вашиот најголем непријател, но тогаш на некој неупатен не му е грижа за вашата болка. Такво е чувството кога го нарекувате Крим руска територија“, додаде тој.
Рускиот парламентарец, Василиј Пискарев, вчера објави дека „Епл“ ќе го прикаже Крим како дел од Русија, но само за корисниците во Русија.
Корисниците на „Епл“ во САД, Украина и на други места во Европа, наводно, нема да видат меѓународни граници околу полуостровот.
Русија и Украина не се во добри односи од 2014 година, кога Русија го анектираше Кримскиот Полуостров на Украина по спорниот референдум.
Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) и Турција го сметаат анектирањето за нелегално.
Украина, исто така го обвинува Кремљ за сепаратистичко насилство во Донбас, источна Украина, во близина на границата со Русија.