Rahmi Gündüz
12 Октомври 2016•Ажурирај: 13 Октомври 2016
ПАРИЗ (АА) – Поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, во врска со одложената посета на Владимир Путин во Париз ја критикуваше надворешната политика на сегашниот претседател Франсоа Оланд кон Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
Централно-десничарскиот кандидат за идните претседателски избори во Франција, Саркози, во својата изјава при посетата на областа Горна Савоја рече дека владината дипломатска политика кон Русија е погрешна.
„Жал ми е за ваквата политика кон Русија. И јас не се согласувам со Путин, меѓутоа, француските интереси предвидуваат продолжување на дијалогот со Русија. Секако дека имаме различни ставови со оваа држава, но ако не воспоставиме дијалог, како ќе ги решиме проблемите?“ изјави Саркози.
Саркози во своето обраќање рече дека треба да се разговара со Русија и да ѝ се објасни дека тоа што го прави е неприфатливо, и оцени дека не е правилно да се води студена војна со Русија, поради сирискиот проблем.
Односите меѓу Москва и Париз се влошија откако Франција понуди нацрт-резолуција на Советот за безбедност при ОН за прекин на судирите во Алепо и за прекин на воените летови над градот, а Русија на ова стави вето.
Како реакција на руското вето, Оланд изрази сомнеж за користа од посетата на Путин во Париз, која требаше да се случи на 19. октомври.
Упатувајќи порака дека оваа средба нема многу големо значење, Оланд рече: „Се прашувам себеси, ќе има ли некаква корист од сето ова? Потребно ли е? Може ли ова да биде инструмент за притисок? Дали ние можеме да ги сопреме бомбардирањата врз цивилното население во Алепо и сето тоа што го прават заедно со сирискиот режим?“