Dildar Baykan
18 Јуни 2019•Ажурирај: 18 Јуни 2019
ЊУЈОРК (АА) – „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch - HRW) го повика Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН) да отвори истрага за египетските власти за смртта на првиот демократски избран претседател на Египет, Мухамед Морси, во судницата, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Советот за човекови права на ОН, чија следна седница ќе се одржи на 24 јуни, треба да отвори истрага за прекршувања на човековите права, широко распространетата злоупотреба во Египет, вклучувајќи ја и смртта на Морси“, се вели во изјавата на „Хјуман рајтс воч“.
Во изјавата се истакнува дека египетската Влада била нечувствителна кон постојаните барања за третирање на влошената физичка состојба на Морси.
„Малтретирањето на Морси би можело да се смета како тортура во рамките на борбата против тортурата на Обединетите нации“, се вели во изјавата на „Хјуман рајтс воч“.
- Во неговата ќелија немало кревет, лежел на ладен бетон
Во изјавата, исто така, се споменува и тешкиот живот на Морси во затворот.
Морси на своето семејство му кажувал дека во ќелијата нема кревет и дека чувствува болки во вратот и грбот поради лежењето на ладниот бетон.
Морси имал проблеми со левото око, затворскиот лекар му рекол дека може да го оперира, но дека нема да може да продолжи да го лекува по операцијата.
Во изјавата се посочува дека барањата на лидерот на Египет да биде прегледан од страна на независни медицински професионалци постојано било игнорирано.
Морси страдал од дијабетес и неколкупати паднал во кома од шеќерната болест, бидејќи не му била обезбедена соодветна здравствена заштита.
Исто така, во изјавата се наведува дека Морси, поради загриженоста за својот живот, избегнувал да ја јаде затворската храна, и затоа консумирал конзервирана храна.
Член од неговото семејство, во изјавата за „Хјуман рајтс воч“ истакнал дека Морси и во судницата бил изолиран од другите затвореници и дека на тие сослушувања не било дозволено да присуствуваат медиумите.
Тој, исто така, изјавил дека на Морси не му било дозволено да чита весници и да гледа телевизија, и дека изолираните услови за живот во затворот се влошиле по атентатот на јавниот обвинител Хишам Берекет во јуни 2015 година.
- „Третманот врз Морси беше страшен“
Директорката на „Хјуман рајтс воч“ за Блискиот Исток и Северна Америка, Сара Лија Витсон, истакна дека Морси го загубил својот живот по неколкуте сурови затворски години поминати во тешки услови.
„Египетската Влада изврши прекршување на сериозни права, одбивајќи на Морси да му ги овозможи минималните права на затвореник. Египетската Влада намерно го подложи поранешниот претседател Мухамед Морси на малтретирање и изолација. Без оглед на политичките гледишта на Морси, третманот беше ужасен. Оние што се одговорни за ова, треба да бидат испитани и казнети“, истакна Сара Лија Витсон.
- Почина во судница
Морси (67), кој беше отстранет од власт со воен удар во Египет, почина во судницата каде што му се судеше за „шпионажа“.
Мухамед Морси стана првиот претседател во историјата на Египет, избран по демократски пат во 2012 година, по популарната револуција во 2011 година, која го принуди поранешниот претседател Хосни Мубарак (1981 - 2011) да поднесе оставка.
На 3 јули 2013 година Морси беше соборен со воен удар од страна на тогашниот министер за одбрана, Абдулфетах ел Сиси, кој подоцна стана претседател.