Seyit Şamil Kurt
23 Февруари 2026•Ажурирај: 24 Февруари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп ја разгледува можноста за ограничен, насочен воен напад врз Иран, а би можел да преземе и поширока акција насочена кон соборување на раководството во Техеран доколку дипломатските напори не дадат резултат, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на американски претставници запознаени со внатрешните дискусии, јавува Анадолу.
Според весникот, Трамп им соопштил на своите советници дека наредните месеци би ја разгледал можноста за поширока воена операција доколку преговорите и евентуалниот ограничен напад не го убедат Техеран да се откаже од својата нуклеарна програма.
Американски и ирански преговарачи треба да се сретнат во четврток во Женева за, како што е опишано, последен обид да се избегне воен судир.
Разговорите, посредувани од Оман, следуваат по претходните рунди одржани на 6 февруари во Мускат и на 17 февруари во Женева, а трета рунда е најавена за 26 февруари во швајцарскиот град.
Според извештајот, Трамп се приклонува кон изведување таргетиран напад наредните денови, со цел да прати сигнал до иранското раководство дека мора да се откаже од можноста за производство на нуклеарно оружје. Меѓу потенцијалните цели се наведуваат седиштето на Иранската револуционерна гарда, нуклеарните постројки и делови од балистичката ракетна инфраструктура на земјата.
Американските претставници, цитирани од весникот, посочиле дека доколку не успеат овие мерки, Трамп би можел подоцна годинава да разгледа поголема воена операција, со цел смена на иранското раководство.
Некои претставници на администрацијата изразиле сомнение дали таква цел може да се постигне само со воздушни напади. Претходните опции, кои опфаќале специјални единици за напади врз утврдени нуклеарни и ракетни објекти, наводно, биле отфрлени поради оперативните ризици.
Белата куќа одбила директно да ги коментира наводите. „Медиумите може да шпекулираат колку што сакаат за размислувањата на претседателот, но само претседателот Трамп знае што може или не може да направи“, изјавила портпаролката Ана Кели, пренесува весникот.
Во меѓувреме, двете страни го разгледуваат предлогот што би можел да спречи ескалација, а кој би му овозможил на Иран да одржува строго ограничена програма за збогатување на ураниумот за медицински истражувања и третмани. Сѐ уште не е јасно дали Вашингтон или Техеран би прифатиле таков договор.
Трамп јавно изјави дека секој договор мора да резултира со „нулта збогатување“ на нуклеарен материјал од страна на Иран. Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, пак, истакна дека Техеран нема да се откаже од правото што го смета за загарантирано со Договорот за неширење на нуклеарно оружје – да произведува нуклеарно гориво.
Разговорите се одржуваат во услови на зголемено американско воено присуство во регионот.
Според јавно достапни податоци, во близина на Иран се распоредени две групи носачи на авиони, како и борбени авиони, бомбардери и авиони за дополнување гориво.
Дискусии за можни напади се одржале минатата недела во Собата за кризни ситуации во Белата куќа, а на нив присуствувале потпретседателот Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио, претседателот на Здружениот генералштаб, Ден Кејн и директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, според медиумски извештаи.
Преговорите, како што се наведува, се фокусирани на нивото на збогатување на ураниумот на Иран и неговите резерви на високо збогатен ураниум.