Muhammet Kurşun
05 Јуни 2019•Ажурирај: 06 Јуни 2019
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот претседател, Хасан Рохани, истакна дека неговата земја не се залага за конфликти со земјите од регионот и со големите сили, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Кабинетот на претседателот на Иран, Рохани во телефонскиот разговор со катарскиот емир Тамим бин Хамад ал Тани дал оцена на ситуацијата во регионот.
- „Регионалните прашања и проблеми немаат воено решение“ -
Во телефонскиот разговор Рохани истакнал дека заканите, блокадите и економските санкции се погрешни методи во меѓудржавните односи.
„Иран сака зајакнување на безбедноста во регионот. Иран не се залага за конфликти со земјите од регионот и со големите сили. Но, ако тие направат еден бесмислен чекор, без двоумење ќе добијат веродостоен одговор за којшто ќе жалат“, нагласи Рoхани.
Рохани, нагласувајќи дека Иран го поддржува Катар, рече дека односите на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати со Јемен, Катар и Иран се штетни за целиот регион.
„Регионалните прашања и проблеми немаат воено решение“, нагласил Рохани.
- „Ставовите на Иран и Катар кон регионалните прашања се многу блиски“ -
И катарскиот емир Ал Тани, поддржувајќи ги напорите на кувајтскиот емир, шеик Сабах ал Џабир ал Сабах, за намалување на тензиите во регионот, истакна: „Ставовите на Иран и Катар кон регионалните прашања се многу блиску еден до друг. Постои постојана комуникација помеѓу двете земји и тоа е позитивно. Дијалогот е единствениот начин за да се намали тензијата.“
Потенцирајќи дека Катар нема да ја заборави поддршката на Иран, Ал Тани рече дека се залагаат за подобрување на односите со Техеран на сите полиња.