Ekipa
05 Јуни 2019•Ажурирај: 06 Јуни 2019
КАРТУМ (АА) – Генералот Абдулфетах ел Бурхан, претседател на Транзицискиот Воен совет на Судан, истакна дека е подготвен да преговара со Силите за декларација на слобода и промени, кои ги предводат демонстрантите, и да отвори нов бел лист. Тој, исто така, го истакна и своето жалење за загинатите лица во последните настани, пренесува Anadolu Agency (AA).
Бурхан, во неговиот говор пренесуван телевизиски, истакна дека Судан се соочува со процес на промени во тешки околности и дека таа фаза треба да помине безбедно, без да се создаде хаос во земјата.
Тој наведе дека е потребна мудрост со цел да се избегне штетата која не е во интерес на земјата.
Истакнувајќи го жалењето поради последните настани, Бурхан рече: „Жалиме за случувањата. Посакуваме милост Божја за шехидите (загинатите), а на повредените брзо закрепнување“.
„Историјата покажува дека промените се тешки. Треба да се воспостави нова визија за да се спречи повторување на неуспесите од минатото и да се отвори нова страница. Исто така, за да обезбедиме развој и за да се стигнеме до иднината не треба да се фокусираме на грешките и тагите од минатото“, нагласи Бурхан.
Бурхан, повикувајќи да се отвори нова страница, рече дека во Африка има многу земји кои успеале да ги надминат грешките од минатото.
„Ние како Воен совет за транзиција на Судан ќе го завршиме процесот за формирање на легитимна власт која ќе ги исполнува револуционерните очекувања на Суданците. Ние сме подготвени да преговараме, без ниту еден предуслов, за сè што е во интерес на земјата“, истакна Бурхан.
Генералот Абдулфетах ел Бурхан, претседател на Транзицискиот Воен совет на Судан, во вчерашното телевизиско обраќање рече дека ги стопира преговорите со Силите за декларација на слобода и промени, кои ги предводат демонстрантите, и најави дека за 9 месеци ќе бидат одржани општи избори.
Во соопштението на Лекарскиот комитет на Судан, објавен утрово, се истакнува дека бројот на убиените демонстранти од страна на Воениот совет пред генералното седиште во Картум се зголемил на 60. Интервенцијата на безбедносните сили започна во понеделникот во утринските часови.
- Настаните во Судан -
Безбедносните сили на Судан врз демонстрантите собрани пред седиштето на Армијата употребија вистински куршуми и солзавец. Според Лекарскиот комитет на Судан, најмалку 60 лица ги загубиле своите животи.
Демонстрациите кои започнаа во Судан на 19 декември 2018 година поради економската криза брзо се проширија и во главниот град, Картум, и се претворија во демонстрации против режимот. Армијата на 11 април објави дека ја презема власта и на тој начин беше ставен крај на 30-годишниот режим на Омар ал Башир.
По преземањето на власта од страна на Армијата, демонстрантите протестираа за да се премине кон цивилна власт и преговараа со Армијата за тоа како треба да биде формирана преодната влада.