Zuhal Demirci
16 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - „Турските истражители во рамките на истрагата во врска со исчезнувањето на саудискиот новинар, Џамал Кашоги, ќе влезат во Резиденцијата на саудискиот конзул во Истанбул“, потврдуваат изворите на Министерството за надворешни работи на Република Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Кашоги, новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ („The Washington Post“), исчезна на 2 октомври откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Тој е познат како критичар на политиката што ја води актуелната власт на Саудиска Арабија.
Работната група составена од турски и саудиски експерти го напушти комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија, во кој во текот на изминатата ноќ вршеше истрага за случајот со исчезнувањето на новинарот Џамал Кашоги. Од извор на турското МНР се дознава дека истражителите ќе извршат истрага и во Резиденцијата на сауидискиот конзул во Истанбул.
Во Турција започна истрага за неговото исчезнување, а репортерот на „Ројтерс“ („Rеuters“) претходно јави дека Кашоги е убиен во Конзулатот, откако неколку дена поминал како заложник. Истото тврдење го изнесе и Здружението на турски и арапски медиуми, од каде што тврдат дека имаат и докази.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, претходно отворено се закани дека Саудиска Арабија ќе се соочи со сериозни казни ако излезат вистинити тврдењата дека новинарот е убиен во комплексот на Конзулатот.
Од друга страна, Владата на Саудиска Арабија вчера порача дека остро се противи и дека ќе одговори на сите закани и обиди за наметнување економски санкции поради случајот со исчезнувањето на новинарот.