Zeynep Hilal Karyağdı
16 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
РИЈАД (АА) - Министерот за надворешни работи на Соединетите Американски Држави (САД), Мајк Помпео, пристигна во посета на саудискиот главен град, Ријад, каде што започна со средби во врска со исчезнувањето на саудискиот новинар на „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, кој исчезна на 2 октомври по влегувањето во Саудискиот конзулат во Истанбул, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија, Помпео во Ријад е пречекан од страна на неговиот саудиски колега, Адил ел Џубеир, и амбасадорот на Саудиска Арабија во Вашингтон.
Саудиското министерство објави фотографии од средбата на Помпео и Џубеир, но не се дадени информации за деталите за средбата и посетата на Помпео.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера истакна дека му дал инструкции на Помпео да ја посети Саудиска Арабија.
Според соопштеното, по посетата на Саудиска Арабија, Помпео на 17 октомври ќе ја посети Турција.