Burak Bir
30 Август 2020•Ажурирај: 31 Август 2020
ГАЗА (АА) - Идејата за нормални односи со Израел беше покрената со цел да се контролира арапскиот свет, рече поранешниот шеф на Хамас, јавува Агенција Анадолија (АА).
Халид Машал говореше на онлајн настан организиран од страна на младинскиот огранок на Партијата за правда и развој на Мароко и рече дека Израел успеал да го елиминира Египет со Договорот од Камп Дејвид, што доведе до концептот на нормализација со цел контрола на Арапите.
Египет и Израел потпишаа мировен договор во Вашингтон во 1979 година по Договорот од Камп Дејвид во 1978 година, со кој се стави крај на воениот конфликт меѓу двете земји и започнаа континуирани и стабилни билатерални односи.
Машал рече дека Израел почнал со нова политика, искористувајќи ги регионалните и меѓународните промени во последните години, и укажа дека напорите за нормализирање на односите со Израел не се од корист за никој друг освен за администрацијата на Тел Авив.
Турција го плаши Израел со презентирањето на својот модел на политички ислам и нејзината моќ за демократија, трговија и индустрија, рече тој, додавајќи дека има одредени земји кои играат ефективна улога во глобалните промени за разлика од арапските земји кои главно го изгубија своето влијание.
Потсети дека израелскиот план за анексија и т.н. Договор на векот се договори што ниеден Палестинец не би ги прифатил.
Како дел од т.н Договор на векот на американскиот претседател Доналд Трамп, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека неговата влада официјално ќе ги анектира Јорданската долина и сите еврејски населби на Западниот Брег.
Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим, според меѓународното право се сметаат за окупирани територии, со што сите еврејски населби таму, како и планираната анексија, се нелегални.
Палестинските власти се заканија дека ќе ги отфрлат билатералните договори со Израел доколку продолжи со анексијата, што дополнително ќе го поткопа дводржавното решение.
Најголем дел од меѓународната заедница, вклучително и земјите членки на Европската Унија, не го признаваат суверенитетот на Израел над териториите што ги окупира од 1967 година.