Beyza Binnur Dönmez
02 Јануари 2023•Ажурирај: 05 Јануари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Осумдесет и пет мигранти се спасени во меѓународните води во близина на Либија и сега се на пат кон јужниот италијански град Таранто, соопштија денес „Лекари без граници“ (MSF), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„По синоќешното спасување во кое 41 лице беа извлечени од водата, нашиот тим презеде уште 44 лица од трговски брод, како што беше побарано од италијанскиот координативен центар за поморско спасување“, објави на Твитер меѓународната хуманитарна организација.
За операцијата на првичното спасување на 41 лице, вклучително и две жени, невладината организација соопшти дека бродот на мигрантите бил превртен и спасувачката работа била спроведена „во целосен мрак и во тешки услови“.
„На барање на Италија, сега сме на пат кон Таранто“, се вели во соопштението, додавајќи дека ќе им требаат околу два дена да стигнат до пристанишниот град.
„Сите 85 преживеани се безбедни и тимот ги подготвува за симнување“, се додава.