Ekipa
03 Јануари 2023•Ажурирај: 04 Јануари 2023
ЛОНДОН (АА) - Две силни експлозии на бомби оштетија станбени згради во шведскиот главен град Стокхолм, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Нема информации за повредени во експлозиите, а пет лица се приведени под сомнение за различни кривични дела во врска со инцидентот, јави државната телевизија СВТ.
Техничари за бомби и форензичари вршат увид на местото на експлозијата, а полицијата започна прелиминарна истрага.
Кратко по 3 часот по локално време вчера, полицијата и службите за итни случаи се повикани во Гримста, во западен Стокхолм, по експлозија, објави СВТ.
„Ме разбуди експлозија и немав време да размислувам, бев во состојба на шок. Станав од креветот и истрчав право кај моето дете, кое беше исплашено“, изјави станар.
„Ужасно е што тоа се случува во Шведска во 2023 година. Треба да бидете безбедни во вашиот дом, но очигледно не е така“, рече тој.
Според полицијата, зградата претрпела голема штета.
„Тоа беше исклучително силна експлозија која предизвика голема штета на влезот на станбената зграда“, изјави полицискиот службеник Ола Остерлинг за новинската агенција ТТ.
Локалните медиуми објавија дека за инцидентот е осомничен познат рапер, кој е приведен.
Познато е дека раперот е поврзан со криминални кругови, според весникот „Афтонбладет“.
Полицијата верува дека цел на експлозијата бил друг добро познат рапер.
Во Гримста многу станови по експлозијата останаа со скршени прозорци.
„Беше голема експлозија, се чувствуваше како да е војна“, изјави станар за СВТ.
Друга експлозија се случи во Багармосен во јужниот дел на Стокхолм, нешто пред 4.30 часот по локално време.
Според СВТ, приведен е маж под сомнение дека учествувал во опасна деструкција на имот и незаконски закани.
Полицијата во моментов не гледа никаква поврзаност меѓу двете експлозии, но вели дека ќе ги истражи по неколкуте неодамнешни инциденти.
Експлозиите се сè почести во Шведска, каде што членовите на бандите често ги таргетираат своите ривали со подметнување бомби.