Michael Gabriel Hernandez
20 Ноември 2025•Ажурирај: 21 Ноември 2025
ВАШИНГТОН (АА) — Специјалниот претставник Стив Виткоф веќе еден месец работи на предлог за завршување на војната во Украина и додека го изготвува, добива мислења и од Украина и од Русија, изјави денес за Агенција Анадолу висок американски функционер, известува Анадолу.
„Специјалниот претставник Виткоф тивко работи на овој план веќе еден месец, добивајќи мислења и од Украинците и од Русите за тоа кои услови би биле подготвени да ги прифатат за да се заврши војната“, соопшти функционер што сакаше да остане анонимен.
„Двете страни ќе мора да направат отстапки, не само Украина“, додаде тој.
„Американскиот претседател Доналд Трамп е информиран за предлогот и го поддржува“, посочи американскиот функционер.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, информираше дека Трамп „јасно ставил до знаење“ дека сака војната да заврши, потенцирајќи дека „се разочарал од двете страни поради нивното одбивање да се обврзат на мировен договор“.
„Сепак, претседателот и неговиот тим никогаш не се откажуваат, а Соединетите Американски Држави работат на детален и прифатлив план за двете страни за да го спречат убивањето и да воспостават траен, долготраен мир“, додаде таа.
Украина официјално го потврди приемот на „нацрт-планот“ претходно денес. Кабинетот на украинскиот претседател соопшти дека Владимир Зеленски ги изложил основните принципи што се важни за Киев и се согласил да работи на точките од планот по резултатите од состанокот одржан претходно денес.
Од Кабинетот додаваат дека Киев ги поддржал предлозите на Трамп за ставање крај на повеќе од три и полгодишната војна меѓу Русија и Украина и подготвен е да соработува со Вашингтон и со партнерите во Европа и низ целиот свет.
Во објавата на Кабинетот на украинскиот претседател се додава дека се очекува Зеленски наредните денови да разговара со Трамп за достапните дипломатски можности и главните точки што се потребни за мир.