Mahmoud Barakat
01 Мај 2019•Ажурирај: 02 Мај 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Египетската организација „Муслиманско братство“ соопшти дека ќе остане приврзана кон мирољубивите и умерени идеи, без оглед на плановите на Соединетите Американски Држави (САД) да ја означат како терористичка организација, пренесува Anadоlu Agency (AA).
Белата куќа вчера соопшти дека администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, има намера Муслиманското братство да го стави на листата на странски терористички групи.
Трамп на 9 април се состана со египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси и разговараше за заканата што ја претставува Муслиманското братство.
Од „Муслиманско братство“ соопштија дека се изненадени со тенденцијата на администрацијата на Трамп да застане на страна на репресивните диктатури на Блискиот Исток, наместо да се залага за вредностите и принципите што ги пропагира и Америка.
„Ние ќе продолжиме да дејствуваме во согласност со нашите мирољубиви и умерени идеи. Муслиманско братство ќе продолжи уште посилно“, се наведува во соопштението.
„Муслиманско братство“ е организација основана во 1928 година во Египет, а нејзиното дејствување е забрането во Египет по воениот удар во 2013 година, со кој од власта е соборен првиот демократски избран египетски претседател Мухамед Морси.
Покрај Египет, дејствувањето на Муслиманско братство го забранија и властите на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин.