Can Hasasu
20 Септември 2024•Ажурирај: 22 Септември 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Нападите во Либан претставуваат нов тип закана на 21 век што мора да се сфати сериозно поради нејзиниот обем, изјави американскиот геополитички аналитичар Рич Ауцен, известува Анадолу.
Во различни делови на Либан во вторникот и средата се случија експлозии на пејџери и радиоуреди за безжична комуникација (воки-токи).
Ауцен, пензиониран американски полковник, за Анадолу изјави дека иако употребата на експлозиви во мобилните телефони не е нова, нападите во Либан биле без преседан во однос на подготовката, методот и концептот на повеќекратни напади.
„Знаејќи дека постојат државни актери што имаат способност да го направат тоа во голем обем, што е ново и може да бидат потребни консултации меѓу државите за тоа како да се обезбеди поголема одговорност или како да се осигури безбедноста на цивилите во таква средина. Без оглед на изворот од каде доаѓаат овие работи, мора да посветиме повеќе внимание“, рече Ауцен, предупредувајќи дека и терористичките групи би можеле да се обидат да го направат тоа.
Тој изјави дека овој тип напад е изводлив, но сепак верува дека повторувањето со ваков обем би било тешко за повеќето групи.
„Но по овој настан на листата за разгледување ќе треба да се додадат чувствителни локации, вклучително аеродроми, политички штабови и цели на националното лидерство. Така што, ова е нов ризик за сите нас во 21 век“, појасни Ауцен.
Тој посочи дека „нема сомнение дека Израел стои зад експлозиите во Либан“ и нападите ги окарактеризира како „невоена разузнавачка операција“.
„Овие разузнавачки операции често се преклопуваат со конвенционалното војување и, секако, имаат ефекти врз поголемите конвенционални војни. Но се сомневам дека тоа била операција спроведена од израелските одбранбени сили, воените сили. Ова ги има карактеристиките на напад на разузнавачка операција“, рече Ауцен.
Тој рече дека Иран формално не му објавил војна на Израел, но дека против него се бори преку полномошници.
Ауцен истакна дека „Иран нема сразмерни или симетрични воени и разузнавачки способности во споредба со тоа што го има Израел“.
Тој рече дека во моментов во САД се размислува за синџирот на снабдување на уредите, истакнувајќи дека Хезболах неодамна добил пејџери од Тајван, според вестите што ги објавија медиумите.
„Се чини најверојатно дека израелската разузнавачка служба, или во близина на фабриката или на патот на транспортот, дошла до овие уреди и вметнала некои експлозивни материјали што потоа биле активирани откако примиле дигиталната порака“, рече тој.
Ауцен рече дека Западот треба да посвети посебно внимание на аспектот на настанатиот инцидент во синџирот на снабдување и напомена дека сериозните компании за онлајн трговија ќе ги преиспитаат своите безбедносни мерки како одговор на овој настан.
Употребата на сајтови за онлајн нарачки од страна на малициозни групи за терористички напади ја опиша како „реална закана“.
Најмалку 25 луѓе загинаа, а повеќе од 608 се повредени во вториот бран експлозии на воки-токи во Либан. Еден ден претходно најмалку 12 лица загинаа, а околу 2.800 беа ранети, кога експлодираа илјадници пејџери што ги користеа членовите на Хезболах.
Во експлозиите во вторникот и во средата загинаа 37 лица, а повеќе од 3.400 беа повредени.
Либанската Влада го обвини Израел дека го извршил нападот, а Хезболах вети одмазда.