АНКАРА (АА) - МЕТИН МУТАНОГЛУ -
Проф. д-р Ирфан Каја Улгер, шефот на Катедрата за меѓународни односи на Факултетот за економски и административни науки при Универзитетот „Коџаели“ во Турција, истакна дека Турција и Европската Унија (ЕУ) очекуваат период во кој ќе ги редефинираат нивните односи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Поминаа 62 години откако Турција во 1959 година аплицира за да стане членка на ЕУ. Барањето на Владата на тогашниот премиер Аднан Мендерес, периодот на премиерот Тургут Озал, како и напорите кои ја вложија повеќе влади кои дојдоа потоа, сѐ уште не дадоа резултат во врска со целосната интеграција на Турција во ЕУ.
Преговорите за полноправно членство кои започнаа во 2004 година, скоро се замрзнати по обидот за државен удар кој се случи на 15 јули во 2016 година во Турција. Исто така, Турција, чија демократија надмина тешки состојби, во последните пет години вложува интензивни напори за топење на овој мраз.
Тоа што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на средбата со Урсула вон дер Лејен, претседателката на Европската комисија, подвлече дека иднината на Турција ја гледа во Европа, се оценува како важен чекор. Од друга страна, ЕУ во последните четири години ја бара својата иднина под сенката на мигрантската криза и под сенката на Брегзит.
Проф. д-р Ирфан Каја Улгер, шефот на Катедрата за меѓународни односи на Факултетот за економски и административни науки при Универзитетот „Коџаели“ во Турција, кој воедно е и експерт за прашањата за ЕУ и Балканот, во разговор за АА говореше за односите помеѓу Турција и ЕУ за кои се вложуваат напори за повторно нормализирање.
Улгер потсети дека на Самитот во Хелсинки во декември 1999 година Турција добила статус на кандидат за членство во ЕУ, нагласувајќи дека тогашниот премиер Булент Еџевит рекол дека нема да прифатат предуслови, но според него, потоа од Турција било побарано да покаже став во полза на конструктивна линија и политика во Кипар.
Тој рече дека преговорите за членство на Турција во ЕУ започнале на 3 октомври 2005 година, односно во третата година кога Владата на АК Партијата дојде на власт.
Според него, јавноста во Турција тогаш имала многу силни и позитивни очекувања во насока на зачленување во ЕУ, но дека овие очекувања се скршени по една-две години од започнувањето на преговорите.
„Во 2006 година Турција се соочи со првото изненадување“, рече тој, додавајќи дека Советот на министри на ЕУ блокирал 8 од 35-те поглавја на преговорите, а како изговор за тоа го навел несогласувањето помеѓу Турција и ЕУ во врска со грчката администрација на Јужен Кипар.
Како што рече тој, во периодот на тогашниот француски претседател Никола Саркози, биле блокирани уште 5 поглавја од преговорите, додека во 2009 година, уште 6 поглавја од страна на грчката администрација на Јужен Кипар.
„По Саркози, на претседателската позиција во Франција дојде Франсоа Оланд. Во тој период Франција ги ублажи блокадите“ нагласи Улгер, истакнувајќи дека моментално отвориле 16 од вкупно предвидените 35 поглавја во преговорите, додека 14 од нив сѐ уште се во блокада.
„Состојбата е следна: де јуре, преговорите продолжуваат; но де факто, преговорите всушност се запрени“, додаде тој.
Запрашан за тоа зошто се запрени преговорите, Улгер рече дека една од главните и најважните причини за тоа е кипарското прашање.
Според него, со тоа што Турција интервенирала врз Кипар во 1974 година, ги заштитила своите права и интереси, како и правата и интересите на своите сонародници во Кипар.
„Се соочи со многу тешка цена за тоа. Во тој период, Источниот блок, Западниот блок, Движењето на неврзаните, арапскиот свет, исламскиот свет, сите беа против интервенцијата на Турција, и во овие рамки, Турција беше свесна за деликатноста на дипломатијата, и ја поддржа и ќе ја поддржува кипарската кауза по која било цена“, истакна тој.
Улгер нагласи дека сега во процесот на ЕУ повторно се соочуваат со кипарското прашање.
„Република Кипар е членка на Движењето на неврзаните, формирано со Конференцијата на Бандунг, движење надвор од Источниот и Западниот блок. Исто така, голем дел од земјите од арапскиот свет беа членки на Движењето. Ова движење во тој период излезе со декларации. Сигурно дека имаше индивидуални примери како Либија. Турција во тоа време беше подистанцирана од арапскиот свет, Средниот Исток и исламскиот свет. По 1980 година се отвори кон тој регион“, рече тој во врска со тоа кои арапски земји биле против интервенцијата на Турција.
„Сега во Турција постојат два става кон ЕУ. Едниот е дека доколку се зачлениме во ЕУ, сите наши проблеми ќе бидат решени и нивото на државите од високо ниво на Западот ќе го достигнеме преку зачленување во ЕУ. Додека, вториот став е една перспектива која ЕУ ја гледа како колонијалист, како нова верзија на империјализмот. Според мене, волјата на Турција за да биде дел од ЕУ е праведна одлука“, додаде тој.
- „Турција направи повеќе од потребното за да биде дел од ЕУ“
Во врска со разговорот на претседателот Ердоган со претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лејен, преку видеоконференција, тој рече дека Турција ја надминала својата обврска да ја исполни правната основа на ЕУ, позната како „Acquis Communautaire“.
Улгер истакна дека правната основа ја исполните исто така и 10 држави кои се вклучиле во ЕУ во 2004 година, Бугарија и Романија во 2007 година и Хрватска во 2013 година.
„Турција, што се однесува до законодавната усогласеност со Царинскиот сојуз, досега постигна голем напредок. Во некои сектори ги видовме позитивните рефлексии од тоа. Во некои сектори, поради внатрешните проблеми на Турција, забележан е регрес. Во 2016 година се случи обидот за државен удар. По овој обид, некои слободи во вонредната состојба беа ограничени, со цел да се војува против бунтот кон државата, без да се допира суштината. Тука сме сведоци на критиките на Европа“, истакна Улгер, и додаде:
„Овие теми можеби не се витални и може лесно да се надминат. Пред нас имаме три опции во врска со односите помеѓу Турција и ЕУ. Прво, да се постави еден став, една волја дека на Турција ѝ се нанесоа многу неправди, и наскоро да се отворат поглавјата кои останале. Второ, да ги прекинеме сите наши врски со Европа и Турција како евроазиска земја да се отвори кон Истокот со Русија, Кина и Иран. Третата опција е редефинирање на односите со ЕУ, имајќи го предвид минатото.“
„Според моите проценки, по ова, не знам кога може да се случи, во наредниот период најсилната можност во иднина е редефинирање на односите“, рече тој.
- „Турција е земја која може да го заземе местото на Велика Британија“
Запрашан како треба граѓаните да ја оценат состојбата во врска со односите помеѓу Турција и ЕУ, Улгер истакна дека тие се како плима, додавајќи дека понекогаш постоеле позитивни, а понекогаш негативни мислења.
„Фактички, тоа е една утопија, еден сон, еден проект да се стави во практика. Исто како Турскиот сојуз, Исламскиот сојуз, Израел има еден проект, Грција има еден утописки проект „Мегали идеја“, Србите имаа... Исто, и ние постоиме во историјата на Европа, и не е погрешно Турција да биде дел од европската интеграција“, нагласи Улгер.
„Во случај Турција да стане дел од ЕУ, со актуелната динамика, со потенцијалот на населението, доколку е можно наскоро да се вклучи како полноправна членка на Европа, може да го пополни вакуумот од Велика Британија, може да го заземе местото на Велика Британија“, додаде Улгер.