Kasım İleri
11 Февруари 2021•Ажурирај: 12 Февруари 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, за време на неговата посета на Министерството за одбрана (Пентагон) соопшти дека во рамките на Министерството е формирана Работна група за Кина, која ќе се фокусира само на стратегии за Кина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Џо Бајден минатата недела го посети Стејт департментот каде што ги соопшти надворешнополитичките параметри на САД, а денеска го посети и Пентагон.
Бајден по состанокот кој траеше околу еден час, со министерот за одбрана, Лојд Остин, замениците-министри, началникот на Генералштабот, генералот Марк Милеј и командантите на силите, му се обрати на персоналот на Министерството.
Говорејќи за опасностите и предизвиците со кои се соочуваат Соединетите Американски Држави, Бајден рече:
„Денеска добив информација дека е формирана нова Работна група за Кина во рамките на Министерството за одбрана која ќе се фокусира на многу прашања, вклучувајќи стратегии, оперативен концепт, позиционирање на сила.“
Бајден наведе дека оваа единица, која е составена од цивили и војници, во следните месеци ќе му дава совети на Пентагон во врска со Кина.
Наведувајќи дека со лидерите на одбраната разговарале за приоритетите на националната безбедност, Бајден истакна дека употребата на сила ја гледа како последно средство.
„Тесно ќе соработувам со министерот Остин и со другите лидери низ светот за ставање крај на војните кои продолжуваат со години“, рече Бајден.
Во изјавата на Пентагон за Работната група за Кина се нагласува: „Главниот фокус на Работната група за Кина формирана во рамките на Министерството за одбрана ќе биде анализа на политиките, програмите и процесите во однос на Кина.“
Исто така се истакнува дека Работната група се состои од 15 лица, вклучувајќи цивили и војници, додека специјалниот потсекретар на Министерството за одбрана, д-р Ели Ратнер е назначен за претседател на групата.