Faruk Zorlu
13 Февруари 2024•Ажурирај: 14 Февруари 2024
ХАГ (АА) - Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, вчера изрази длабока загриженост поради извештаите за бомбардирања и можен копнен упад на израелските сили во градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, известува Анадолу.
„Мојата канцеларија спроведува активна истрага за ситуацијата во државата Палестина. Ова се презема како прашање на крајна ургентност, со цел да се изведат пред лицето на правдата одговорните за злосторствата според Римскиот статут“, објави Карим Кан на социјалната мрежа Х.
Тој ја повтори важноста на почитувањето на Законот за вооружени судири и нагласи дека „сите војни имаат правила и дека законите што се применуваат на вооружените судири не може да бидат толкувани на тој начин да бидат лишени од значењето“.
Кан истакна дека и покрај неговите доследни пораки, вклучително и изјавите во текот на посетата на палестинскиот град Рамала минатата година, нема забележителни измени во однесувањето на Израел кон Палестинците.
„Како што нагласив повеќепати, оние што не се придржуваат до законот не би требало да се жалат подоцна кога мојата канцеларија ќе преземе активности во согласност со нашиот мандат“, додаде Кан.
Порача дека неговата канцеларија активно ги истражува сите наводни злосторства и дека оние што го кршат меѓународното право ќе одговараат пред судот.
- Обвинение за геноцид
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Појасот Газа и ќе ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Појасот Газа во кои од 7 октомври досега се убиени најмалку 28.340 Палестинци, главно жени и деца, а 67.984 се ранети.
Според податоците на Обединетите нации, 85% од населението на Појасот Газа се интерно раселени и се соочуваат со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекарства, а околу 60% од инфраструктурата во Појасот Газа се оштетени или уништени.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.