Behlül Çetinkaya
05 Август 2019•Ажурирај: 06 Август 2019
ИСЛАМАБАД (АА) – Министерството за надворешни работи на Пакистан денес ги осуди чекорите на Индија за промена на специјалниот статус на Кашмир, кој е под нејзина контрола, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на пакистанското Министерство за надворешни работи се истакнува дека Кашмир е признат како меѓународно спорен регион.
„Пакистан, кој е страна на овој меѓународен спор, ќе одговори на секаков начин против сите нелегални чекори што ќе бидат преземени.“
Во соопштението се истакнува дека тоа е еднострана одлука за Кашмир, кој е меѓународно спорен регион.
„Едностраната одлука на Индија нема да го смени фактот дека Кашмир е меѓународно спорен регион усвоен од Советот за безбедност на Обединетите нации. Ниту народот на Џаму и Кашмир, ниту пак, Пакистан ќе го прифатат тоа“, се вели во соопштението.
Се потенцира дека Пакистан ќе продолжи да ја поддржува желбата на кашмирскиот народ да одлучува за сопствената судбина.
„Пакистан, кој е една од страните на овој меѓународен спор, ќе одговори на секаков начин против сите нелегални чекори што ќе бидат преземени“, се вели во соопштението.
„Чекорот на Индија кон промена на статусот на Кашмир е против резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации и барањата на народот на Кашмир. Пакистан ќе продолжи да го поддржува Кашмир секогаш кога тоа ќе биде потребно и ќе инсистира да се најде мировно решение“, истакна претседателот на Пакистан, Ариф Алви.
Индиската Влада во текот на денот достави предлог до Парламентот за измена на член 370 од Уставот, со што се укинува специјалниот статус на сојузната држава Џаму и Кашмир.
- Проблемот со Кашмир -
По повлекувањето на Велика Британија од Индија во 1947 година, Кашмир продолжува да биде управуван како кнежевство, со можност сам да избере дали ќе се приклучи на Индија или на Пакистан. Жителите во кнежевството претежно направиле соодветен избор, меѓутоа принцот на Џаму и Кашмир во октомври 1947 година донесе одлука подрачјата во кои живеат околу 90 отсто муслимани да ги приклучи кон Индија.
Муслиманската популација на Кашмир се спротивстави на приклучувањето кон Индија, по што Индија и Пакистан испратија свои војски во подрачјето. Првата војна меѓу двете земји избувна во 1947 година поради Кашмир.
Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) во 1948 година донесе одлука да се отстранат воените единици од Кашмир и побара одржување референдум во подрачјето.
Индија како своја територија ги прогласи и подрачјата во Кашмир кои се под контрола на Пакистан. Од друга страна, Пакистан смета дека Кашмир има право сам да ја одредува својата судбина, поддржувајќи ја одлуката на СБОН за одржување референдум.
Кашмир во моментов е поделен на три дела. Четириесет и пет отсто потпаѓа под контрола на Индија, 35 отсто под Пакистан и 20 отсто под Кина.
Подрачјето на Кашмир што е под контрола на Пакистан се нарекува „Азад Кашмир“. Делот од Кашмир што е под контрола на Индија е сојузната индиска држава „Џаму и Кашмир“ и претставува единствена сојузна држава во Индија во која поголемиот дел е муслиманско население.