ИСТАНБУЛ
Неџати Џејлан, генерален секретар на Меѓународниот сојуз на правници со седиште во турскиот град Истанбул, истакна дека палестинскиот народ се третира како заробеник од страна на Израел, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Џејлан преку писмено соопштение насловено „Кој го поддржува тиранинот, станува дел од тиранијата“, нагласи дека земјата на палестинскиот народ од 1946 година досега е окупирана чекор по чекор.
Според Џејлан, Израел ги негира резолуциите на Обединетите нации (ОН), како и меѓународното право, и ова прекршување на правото не е соочено со ниту една санкција.
„Израел не беше задоволен со окупацијата, и ги прекрши и продолжува со прекршување на повеќе права на палестинскиот народ, пред сѐ правото за живот“, истакна Џејлан.
„Палестинскиот народ се третира како заробеник од страна на Израел, и е лишен од правото да живее слободно во својата земја“, додаде тој.
Џејлан рече дека значаен дел на палестинскиот народ бил принуден да се засолни во други земји поради окупацијата, и дека е принуден да живее во кампови во овие земји.
Како што рече Џејлан, дел од палестинскиот народ од страна на Израел се третира како заробеник во концентрационите кампови во својата земја.
„Израел повеќепати со воени авиони, тешки оружја и ракети го нападна цивилниот невин палестински народ. Во овие напади загинаа бројни жени, деца и невини цивили. Убивањето цивили и невини лица е терористички акт. Исто така, терористичките акти може да се извршат од страна на индивидуи, организации или држави. Терористичките акти извршени од страна на една држава или повеќе држави се уште повеќе деструктивни и опасни во споредба со другите“, нагласи Џејлан.
Тој истакна дека од една страна палестинскиот народ се соочува со притисок од оружени напади, а од друга страна мислителите преку притисок и закана со затвор се терани да молчат.
„Мислителот Раид Салах, кој е еден од истакнатите лица на палестинскиот народ, важен дел од својот живот беше принуден да го помине во затвори поради неговите ставови. Раид Салах е само еден пример. Стотици палестински мислители својот живот го продолжуваат под израелски притисок и закана со затвор и казнување. На овој начин голем број лица со години се соочени со затворска казна поради нивните ставови“, рече тој.
Џејлан нагласи дека во 21 век во Палестина се случува хуманитарна драма, и дека законот ги обврзува како поединците и институциите, така и државите.
„Кој го поддржува тиранинот, станува дел од тиранијата. Од овој аспект, ги повикуваме сите земји кои го почитуваат правото, пред сѐ исламските земји, сите невладини организации и сите луѓе да го штитат правото на лицата кои се изложени на тиранија“, истакна Неџати Џејлан, генерален секретар на Меѓународниот сојуз на правници.