Dildar Baykan
20 Август 2020•Ажурирај: 21 Август 2020
ВАШИНГТОН
Претседателот на САД, Доналд Трамп, истакна дека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) сакаат да купат воени авиони од типот „Ф-35“ и дека ја разгледуваат оваа тема, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трамп во Белата куќа одржа прес-конференција на која говореше за актуелните теми и одговораше на новинарските прашања.
Американскиот претседател се осврна на тврдењата дека ОАЕ од САД сакаат да купат воени авиони од типот „Ф-35“.
„Сигурно дека ОАЕ имаат пари за да ги платат овие авиони. Тоа е нешто добро бидејќи знаете дека со повеќе земји правиме договори вредни 10 центи. Им го даваме тоа што го сакаат, а потоа тие не можат да извршат исплата затоа што немаат пари“, рече Трамп.
Тој нагласи дека разговарал со некои пилоти и дека предност за нив е тоа што авионите од типот „Ф-35“ не може да бидат забележани во воздушно-одбранбените системи. „Пилотите со кои разговарав, изгледаа подобри од Том Круз“, додаде тој.
Што се однесува до продажбата на „Ф-35“ за ОАЕ, Трамп рече: „Тие [ОАЕ] сакаат да купат „Ф-35“. Ќе видиме што ќе се случи. Го разгледуваме тоа прашање, а тие помогнаа во изградба на мирот на Блискиот Исток.“
Запрашан дали Саудиска Арабија ќе биде вклучена во договорот постигнат за целосно нормализирање на односите меѓу ОАЕ и Израел, Трамп истакна: „Голем број земји брзо доаѓаат до овој договор. Кога ќе дојдат сите, ќе дојде и Иран. Ќе има мир на Средниот Исток. Тоа ќе биде добро.“
- „Имаме многу добри односи со Ердоган“
Трамп исто така беше запрашан за содржината на разговорот кој ќе го реализира со премиерот на Ирак, Мустафа ел Казими. „Во голема мера ги повлековме нашите војници од Ирак. Се повлекуваме од овие апсурдни војни кои немаат крај. Всушност, од самиот почеток не требаше да одиме таму. Според мене, одењето таму е најлошата одлука донесена во нашата историја. Нашата земја воопшто не требаше да биде на Средниот Исток“, додаде Трамп.
Американскиот претседател нагласи дека САД ги повлекле своите војници и од земјите како Авганистан и Сирија.
„Замислете што стана меѓу Сирија и Турција кога ги повлеков нашите војници. Секој рече дека тоа е страшно. Сигурно дека Турција сама може да ја врши својата работа. Имаме многу добри односи со [турскиот претседател Реџеп Таип] Ердоган“, истакна Трамп.