Ahmed al-Masri,Afra Aksoy
07 Јули 2017•Ажурирај: 07 Јули 2017
ДОХА (АА) - Министерот за надворешни работи на Катар, Мухамед бин Абдурахман Ал Сани, го опиша политичкото, економското и социјалното ембарго над неговата земја како „агресивен чин, навреда за една независна и суверена земја“, јавува Anadolu Agency (AA).
Ал Сани, во интервју за „CNN International“ (Си-ен-ен интернејшенал) истакна дека земјите што го поставија ембаргото, поставиле барања до Катар кои се косат со меѓународното право.
Тој нагласи дека нема да прифати ниту едно барање што го прекршува меѓународното право и додаде: „Нема да ги прифатиме мерките кои се ограничуваат само на Катар. Решението треба да ги опфаќа сите“.
Ал Сани вели дека овие земји кои го обвинуваат Катар со тврдења дека неговата земја има посебни односи со Иран, не примениле ниту една мерка против Иран. „Затоа мерките применети против Катар се чин на агресија. Поставеното ембарго над Катар е агресивен чин, навреда за една независна и суверена земја. Овие мерки се поради други причини, не поради Иран. Не може да се дискутира за затворањето на 'Al Jazeera' (Ал Џезира). Нема да се дискутира за ниту едно барање кои го нарушува суверенитетот на Катар“, истакна Ал Сани.
- Ставот на Катар против тероризмот
Катарскиот шеф на дипломатијата ги негираше тврдењата оти Катар го финансира тероризмот. „Ако кој било државјанин на Катар е вмешан во финансирањето на терористичка организација или е вмешан во некоја терористичка акција, ќе биде одговорен за своите постапки“, додаде тој.
Ал Сани вели дека сѐ додека некоја организација не се опишува како „терористичка“ од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), тие нема да ги класифицираат како такви.
„Хамас во Катар има политичко седиште, не е во прашање воено претставништво. Високите политички претставници на Хамас се наоѓаат во Газа, а некои во Катар. Овие лица дојдоа за да учествуваат на преговорите за национален консензус. Овие преговори кои се подржани и од страна на меѓународната заедница, се одржаа во координација со САД. Катар не го поддржува Хамас туку народот од Газа“, нагласи Ал Сани во врска со некои припадници на организации кои престојуваат во неговата земја, во случај Хамас да се постави на листата на тероризам од страна на Израел и САД.
Исто така, Ал Сани пренесе дека организацијата Муслиманско братство (Ихван), која се наоѓа на листата на терористички организации во Египет, не е опишана како терористичка организација од страна на Катар. Покрај тоа, како што рече тој, неговата земја не гарантира за Ихван, и оваа организација не е присутна во Катар.
Катарскиот министер потсети дека Ихван е политичка организација којашто е активна во некои земји, меѓу кои и во Бахреин, земја што постави ембарго кон Катар. Тој вели дека ова е двоен стандард.
- Односите меѓу Катар и САД
Министерот Ал Сани истакна дека односите меѓу Катар и САД се мошне цврсти, и оти администрацијата во Вашингтон се труди да се најде решение за кризата
„Претседателот на САД, Доналд Трамп, телефонски разговараше со катарскиот емир. Во разговорот тој нагласи дека кризата треба да се реши. Тој упати апел да не ескалираат тензиите. За нас, ставот на САД е таков“, вели Ал Сани.
- Можните причини за кризата
Катарскиот шеф на дипломатијата даде оцена и за она што би можело да ја предизвика кризата.
„Независноста и политиката на Катар може да се причина за кризата“, пренесе Ал Сани, истакнувајќи дека политиката на Катар отсекогаш била независна. Како што рече тој, иако постои разлика во гледиштата со другите страни, ова никако не ја загрозува колективната безбедност на Заливот.
Ал Сани истакна дека Катар отсекогаш применувал промировна политика. „Големите земји можат да бидат вознемирени од тоа што малите земји можат да влијаат на нивната улога. Но Катар не направи такво нешто, користејќи ги меѓународните механизми на отворен, јасен и транспарентен начин. Тој беше активен актер на меѓународно ниво, во иницијативата за обединување на нациите со цел да се донесе мир во земјата. Не сакаме да започнеме војна во земјата, напротив, се трудиме проблемите да се решат на дипломатски начин, во име на тоа да се донесе мир во земјата“, истакна министерот Ал Сани.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Јемен, Египет и Бахреин со заедничко соопштение на 5 јуни соопштија дека ги прекинуваат дипломатските односи со Катар. Саудиска Арабија, ОАЕ и Бахреин го затворија нивниот воздушен простор за Катар и побараа катарските дипломати за 48 часа да се вратат во своите земји.
Четирите земји што поставија ембарго кон Катар упатија листа со барања до земјата, којашто опфаќа 13 барања, како затворање на воената база на Турција во Катар, прекинување на односите со Иран, затворање на телевизијата „Al Jezeera“ (Ал-Џезира). Откако администрацијата на Доха одговори на оваа листа на барања, вчера во главниот град на Египет, Каиро, се состанаа министрите за надворешни работи на овие четири земји, и соопштија дека ќе продолжи политичката и економската блокада на Катар.