Ekip
24 Февруари 2017•Ажурирај: 25 Февруари 2017
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Малезиската полиција објави дека при убиството на Ким Џонг-нам, полубрат на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, бил користен високо отровниот нервен агенс познат како VX, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Првичната анализа на сувите брисови земени од слузницата на очите и лицето на Џонг-нам ја откри супстанцијата О-етил-S-2-диизопропиламиноетилметилфосфонат или VX“, изјави Калед Абу Бакар, генерален инспектор на малезиската полиција.
VX е силно хемиско оружје што Обединетите нации го опиша како оружје за масовно уништување. Само една капка на кожата може да биде фатална по животот на човекот.
Неговото производство и складирање во количини поголеми од 100 грама е забрането со Конвенцијата за хемиско оружје од 1993 година.
Абу Бакар во средата изјави дека две странски државјанки од Индонезија и од Виетнам, кои се осомничени дека го извршиле убиството на аеродромот во Куала Лумпур, биле обучени да го извршат убиството така што рацете премачкани со отров ги избришале од лицето на Џонг-нам.
Малезија официјално побара од Интерпол да распише потерница за четворица државјани од Северна Кореја осомничени дека се вмешани во убиството.