Umar Farooq
27 Април 2019•Ажурирај: 29 Април 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Обединетите нации сериозно се загрижени поради извештајот за неселективно гранатирање на цивилните подрачја во Триполи, изјави синоќа Стефан Дујарич, портпаролот на генералниот секретар Антонио Гутереш, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Според податоците на Меѓународната организација за миграции, речиси 39.000 лица се раселени од избивањето на судирите во главниот град на Либија, а хуманитарната криза се влошува“, изјави Дујарич.
Тој ја нагласи потребата за „непосреден и безусловен пристап на хуманитарните партнери“ да влезат во подрачјето на судирите за помошта да се дистрибуира на цивилите кои се наоѓаат во вкрстен оган.
„Обединетите нации ги потсетуваат спротиставените страни на потребата да се заштитат цивилите“, истакна Дујарич.
Генерал Калифа Хафтар и неговите сили на 4 април започнаа операции за освојување на Триполи, главниот град на Либија. На ова одговорија силите на Владата на национално единство на Либија, започнувајќи ја операцијата „Буркан ал Гадаб“ (Вулкан на гневот).
Од 2011 година во Либија се одвива криза на легитимитетот, кога во крвав бунт со поддршка на НАТО е симнат од власт, а потоа и убиен повеќедеценискиот лидер Муамер Гадафи.
Веќе три недели се случуваат судири меѓу Владата на национално единство на Либија, која е меѓународно призната и силите на генерал Хафтар.
Офанзивата кон Триполи што ја организираше генерал Хафтар беше причина за одложување на конференцијата за дијалог меѓу завојуваните страни во Либија планирана за 14 - 16 април.