Gamze Türkoğlu Oğuz
01 Март 2019•Ажурирај: 02 Март 2019
АНКАРА (АА) - Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, изјави дека Соединетите Американски Држави работат многу на смирувањето на тензиите меѓу Индија и Пакистан, пренесува Anadolu Agency (AA).
„India Today“ јавува дека Помпео за време на посетата на Филипините зборувал за тензиите меѓу Индија и Пакистан.
Наведувајќи дека САД „работат многу“ на смирување на тензиите и воспоставување на дијалогот меѓу Индија и Пакистан, Помпео изјави дека САД внимателно ги следат случувањата и дека ќе продолжат да ги следат.
Помпео потсети на разговор со властите на Индија и Пакистан кои ги повика на воздржаност и избегнување на ескалацијата на судирите по секоја цена.
Тензиите меѓу Индија и Пакистан во Кашмир ескалираа на 14 февруари, кога во бомбашки напад на парамилитарен конвој беа убиени 44 и ранети 20 индиски војници. Индија за нападот го обвини Пакистан, а официјален Исламабад ги отфрли обвиненинјата и го осуди нападот. Индиските сили на 26 февруари извршија воздушни напади на кампот, кој се наоѓа на пакистанската страна на линијата на разграничување.
Тензиите ескалираа во средата кога пакистанската Војска сруши два авиона на индиската Војска кои го загрозија воздушниот простор на Пакистан. Од друга страна, три пакистански авиони влегле во воздушниот простор на Индија и предизвикале реакција кај индиските сили. Индиските медиуми тврдат дека Индија урнала еден пакистански борбен авион „Ф-16“.
Поради судирите во Кашмир, властите на Пакистан и Индија затворија поголем број аеродроми и воздушниот простор за цивилни летови. Пакистан соопшти дека дополнително го блокирал воздушниот простор за сите комерцијални летови.
Европската Унија, Турција, Германија, Велика Британија, Кина и Русија ги повикаа Индија и Пакистан на воздржаност.