АДИС АБЕБА (AA) - ТУФАН АКТАШ -
Д-р Адем Камил Фарис е историчар од Етиопија, кој вели дека толерантниот и принципиелен став на кралот Неџаши што го покажа кон муслиманите кои мигрираа во тогашна Абисинија (Етиопија), во денешно време може да претставува добар пример за мигрантската криза.
Педесет и деветгодишниот Фарис кој реализира студии од областа на исламската историја, во разговор со Anadolu Agency (AA) раскажа дека животот го поминува истражувајќи ја миграцијата на муслиманите во Абисинија.
Откако го загубил своето семејство, на седумгодишна возраст отишол во Саудиска Арабија каде што продолжил да живее со неговиот повозрасен брат. Тој се стекнал со образование во Мека, Џеда и Ријад, и околу 28 години врши истражувања за кралот Неџаши и периодот во кој живеел тој.
Тој е автор на 5 книги од оваа област, како и на голем број написи. Тој, исто така, го истражува и придонесот на кралот Неџаши во ширењето на исламот на овие територии.
Зборот „неџаши“ на абисински јазик значи владетел, додека на арапски јазик се користи како специфична титула за кралевите на Абисинија.
- „Кралот Неџаши треба да биде пример за мигрантската криза“ -
„Муслиманските мигранти кои дојдоа во Абисинија беа пречекани од страна на етиопскиот крал, како и од неговиот народ“, рече Фарис, додавајќи дека овој став денес може да претставува пример за светот за ставање крај на лошото однесување кон мигрантите, и за решавање на актуелните мигрантски кризи.
„Територијата на Етиопија“, како што рече Фарис, „била домаќин на муслимани, христијани и евреи, и ги прифатила нивните култури и истории“. Тој потсети дека исламот се ширел на овие територии многу години пред да започне да се шири во повеќе исламски градови.
- „Абисинија е почетна точка“ -
„Исламот во 615 година пристигна на териториите на Абисинија, седум години пред да пристигне во градот Медина, 21 година пред Палестина, 18 години пред Сирија и Ирак, и 24 години пред да пристигне во Египет“, рече Фарис.
Фарис информираше дека првите муслимани кои мигрирале, пристигнале на античкото пристаниште Адули кое денес се наоѓа во Еритреја, а од таму преминале во палатата на Неџаши во Аксум. Тој рече дека териториите на Абисинија се почетна точка на апелите упатени до светот околу исламот.
- „Муслиманите биле турнати кон сиромаштија и незнаење“ -
Според Камил, причината поради која исламското богатство не е заштитено во Етиопија, и поради која исламот не се ширел во целиот регион е поврзана со војните на христијанските владетели од Етиопија против муслиманите.
Камил нагласи дека управителите на Абисинија вложиле напор за евангелизирање на муслиманите низ земјата, и дека муслиманите биле турнати кон сиромаштија и незнаење.
Истакнувајќи дека денес 14 отсто од населението во земјата живее во градови, додека 86 отсто живее во рурални подрачја, Камил рече дека спротивно на она што го соопштуваат официјалните власти, 60 отсто од населението се муслимани.
- „Најголемата улога ја презедоа исламските научници“ -
Историчарот Камил истакна дека најголемата улога во заштитата на исламот ја презеле исламските научници во руралните подрачја, и дека тие им го покажале правецот на народот. Тој вели дека освојувањата на исламските емирати формирани во источниот дел на земјата, не успеале да одат толку напред.
Камил нагласи дека училиштата слични на медреси наречени „Khalwa“ денес се соочуваат со исчезнување, и дека пред 50 години исламските научници и ваквите образовни установи биле многу распространети во руралните подрачјa на оваа земја.
„Технолошките случувања, исчезнувањето на улогата на оџите во општеството, незаинтересираноста на младите, како и финансиските причини предизвикаа исчезнување на овие места“, додаде Фарис.
- „Имам потреба од помош од Турција“ -
Според него, исламското богатство во земјата, пред сè, не се заштитува од страна на муслиманите, додека некои вредни историски дела се украдени.
„Потребно е да се изградат музеи за да се заштити исламското богатство во земјата, и потребно е да се развијат религиските училишта како Khalwa. Продолжувам да собирам исламски извори, и во оваа насока имам потреба од помош од Турција“, рече тој.
Фарис, истакнувајќи дека и покрај тоа што Владата долги години го игнорираше тоа, во последните години започнале иницијативи во насока на заштита на исламското богатство, рече дека постоечката состојба на слободата во Етиопија денес е предност за муслиманите, и дека тоа треба да се искористи.
Тој истакна дека нивото на учеството на муслиманите во образованието е многу високо, и дека во наредните години поголемиот дел од образованите луѓе ќе го сочинуваат муслиманите.