Rabia İclal Turan
17 Декември 2025•Ажурирај: 17 Декември 2025
ВАШИНГТОН (АА) – Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави „целосна и комплетна блокада“ на сите санкционирани нафтени танкери што влегуваат или излегуваат од Венецуела, нарекувајќи ја Владата на Николас Мадуро „странска терористичка организација“, јавува Анадолу.
„Венецуела е целосно опколена од најголемата армада некогаш составена во историјата на Јужна Америка“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social, додавајќи дека блокадата ќе остане на сила сѐ додека Каракас не ги врати „целата нафта, земјиште и други средства“.
Трамп го обвини режимот на Мадуро дека приходите од нафта ги користи за финансирање „наркотероризам, трговија со луѓе, убиства и киднапирања“, наведувајќи и дека венецуелските државјани што претходно биле испратени во САД се враќаат „со забрзано темпо“.
Најавата доаѓа во услови на зголемени тензии меѓу двете земји, а Трамп продолжува да бара Мадуро да се повлече од власта, нагласувајќи дека сите опции, вклучително и воена сила, остануваат на маса, во контекст на значително воено присуство во регионот.
САД, според официјални податоци, веќе извеле 22 познати напади врз наводни „наркотерористички“ поморски пловила, при што од почетокот на операциите во Карипското Море и источниот дел на Тихиот Океан на почетокот на септември загинале 87 лица.
Венецуела неодамна ги обвини САД за „поморско пиратство“, оценувајќи дека станува збор за дел од „континуирана политика на присила и агресија“ откако Вашингтон заплени венецуелска пратка со нафта во меѓународни води.
Американските власти ја оправдаа заплената со тврдење дека бродовите се користат за транспорт на санкционирана нафта од Венецуела и Иран во рамките на „нелегална мрежа за транспорт на нафта што поддржува странски терористички организации“.
Администрацијата на Трамп соопшти дека мерките се дел од напорите за борба против трговијата со дрога во регионот. Каракас, пак, возврати дека Вашингтон настојува да ги „присвои огромните нафтени резерви на Венецуела преку смртоносна употреба на воена сила“, оценувајќи дека антинаркотичките активности се само подготовка за нелегално отстранување на Мадуро од власт.