Admir Fazlagic
02 Ноември 2018•Ажурирај: 02 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Голем број светски, европски и регионални медиуми ја пренесоа изјавата на Истанбулското републичко обвинителство, кое изнесе детали во врска со истрагата за убиството на саудискиот новинар и колумнист на „Вашингтон пост", Џамал Кашоги, кој е убиен на 2 октомври во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Истанбулското републичко обвинителство во средата соопшти дека според претходно планирање, жртвата Џамал Кашоги бил убиен со давење веднаш штом влегол во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, каде што на 2 октомври 2018 година влезе за документација за брак. Неговиот труп бил исечен на парчиња и уништен, откако бил убиен со давење по претходно извршен план.
- „Убиство на новинар е обид да се убие вистината"
Претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, во писмена изјава за АА, коментирајќи го убиството на новинарот Кашоги, вели дека „варварското убиство на Кашоги ги потресе и ги растажи сите новинари во Македонија и во светот.“
Тој вели дека случајот „Кашоги" треба да ја разбуди совеста на целото човештво.
„Вакви ѕверства против новинарите и слободата на медиумите се апсолутно неприфатливи и мора да се осудат. Цивилизираниот и мирољубив свет не смее да заборави на ова монструозно убиство сѐ додека целосно не се расветли случајот и одговорните не бидат казнети“, вели Селмани.
Истакнува дека се разочарани од „обидот на саудиските власти да го забошотат случајот.“
„Убиство на новинар е обид да се убие вистината. Тоа не смее да се случи. Крајно неодговорно е земја во која на сила е Светото шеријатско право, да има арбитрарно одземање човечки животи. Тоа ги повредува чувствата на сите муслимани низ светот, затоа што тоа се коси со вредностите на Светата книга, Куранот“, истакнува Селмани, и порачува дека одговорните за убиството на новинарот Кашоги треба да се казнат.