БРИСЕЛ (АА) - Немањето можност за формирање влада и политичката криза што настана во балканските земји по планираните и вонредните избори на ниво на цела Европа, покажа дека од политички аспект, 2017 ќе биде тешка година за Европа, пишува Anadolu Agency (AA).
Во Велика Британија и во Австрија се закажани предвремени избори, а во Холандија, и 2 месеца по изборите не е составена новата влада. Новиот претседател на Франција, Макрон, е во исчекување на претстојните парламентарни избори во земјата, додека четири балкански земји се наоѓаат во сериозна политичка криза.
- Макрон сака поддршка од собранието -
За време на кампањата на претседателските избори во Франција, кандидатката на екстремната десница, Марин Ле Пен, предизвика сериозна вознемиреност со своите говори против ЕУ, исламот и против бегалците, но победник на изборите во Франција е Емануел Макрон.
По објавувањето на резултатите од претседателските избори, Макрон поднесе оставка од фунцијата претседател на партијата „En Marche“ (Напред). За него е многу важно да го освои апсолутното мнозинство на претстојните парламентарни избори што ќе се одржат на 11 и 18 јуни. Некои експерти ги карактеризираат парламентарните избори во Франција како трет круг на претседателските избори.
Макрон е свесен дека јавната поддршка на „En Marche“ на парламентарните избори нема да биде доволна за освојување на апсолутното мнозинство. Затоа се смета дека Макрон се обидува да воспостави соработка со десно ориентираните партии. Тоа може да се забележи во одлуката на Макрон, за премиер на Франција да го постави Едуард Филип, претставник на централната десница во Франција.
Претседателот на центарот за истражувања на Универзитетот „Science Po“ (Институт за политички студии), Паскал Перино, истакна дека доколку не се обезбеди потребното мнозинство во парламентот, тогаш победата на претседателските избори нема некое значење, бидејќи е невозможно „самостојно водење на државата“.
- Предвремени изборни ветрови -
Одлуките за предвремени избори во поголем број земји од Европа укажуваат на политички турболенции на ниво на цела Европа.
Иако се очекува на редовните избори во Германија, закажани за септември, да победи канцеларката Ангела Меркел, резултатот од предвремените избори во Велика Британија и во Австрија, тесно ќе бидат поврзани со иднината на Европската Унија.
Премиерката Тереза Меј, со цел да обезбеди стабилност и единство во земјата додека траат преговорите за излез на Велика Британија од ЕУ, Брегзит, закажа општи избори за 8 јуни.
Меј истакна дека опозицијата со своите постапки ја ослабува моќта на земјата во преговорите за Брегзит. „Опозиционерите сметаат дка ќе ја ослабат нашата одлучност. Се лажат. Доколку сега не отидеме на предвремени избори, ќе продолжат да си играат политички игри“, изјави таа.
Во нормални услови, општите избори во Британија требаше да се одржат во мај 2020 година. Партиските лидери се обидуваат да влијаат врз гласачите на предвремените избори закажани за 8 јуни, со изјавите за „Иднината на Британија по Брегзит“.
- Одлуката на Австрија не е изненадувачка -
Владата што ја формираа Австриската народна партија (ОВП) и Социјалдемократска партија (СПО), поради недоразбирањата меѓу коалициските партнери донесе одлука за предвремени избори.
Откако на претседателските избори победи независниот кандидат Александар Ван де Белен, кој беше поддржан од Партијата на зелените, шпекулациите за предвремени избори беа оставени настрана, a коалициската влада донесе одлука со којашто ќе ја извршува функцијата до крајот на 2018 година, за кога се закажани редовните општи избори, и со јавноста ја сподели работната програмата составена од 42 точки.
Но, недоразбирањата во Австриската народна партија (ОВП), каде што избувнаа внатрешнопартиски расправии и борба за лидерство во партијата, беа причина вицепремиерот и претседател на Австриската народна партија, Рејнхолд Митерлехнер, да поднесе оставка од своите функции.
Поставувањето на Себастијан Курц за министер за надворешни работи и интеграции, предизвика политички недоразбирања во постоечката влада, по што беше донесена одлука дека за доброто на Австрија, потребно е владата да продолжи со зацртаната програма до крајот на летото и на почетокот од есента во земјата да се одржат предвремени избори.
Опозицијата и коалицискиот партнер, Социјалдемократската партија, го подржаа овој владин предлог и предвремените избори во Австрија се закажани за 15 октомври 2017 година.
- Изгласана е недоверба на владата на Косово -
И балканската земја Косово минатата недела донесе одлука за предвремени избори. По предлог на опозицијата во Косово, во собранието се гласаше за недоверба на владата. Гласањето во собранието беше поддржано и од владиниот коалициски партнер, Демократската партија на Косово (ПДК), и за недоверба на косовската влада гласаа 78 пратеници од 115. Претседателот на Косово, Хашим Тачи, соопшти дека поради изгласаната недоверба на владата, на 11 јуни ќе се одржат предвремени општи избори.
- Владини кризи -
Иако општите избори одржани во Холандија се одржаа во март, и по приближно 2 месеца, сè уште не е формирана влада. Се дознава дека дошло до застој во разговорите за коалицирање меѓу Народната партија за слобода и демократија, Унијата на демохристијаните, Демократи 66 и Зелената левица. Се зборува дека партиите не постигнале договор околу прашањето на моќта во коалицијата, по што преговорите се прекинати.
- Сериозна политичка криза во Македонија, Хрватска и во Албанија -
Од друга страна, може да се забележи дека во 2017 година, и западнобалканските земји Македонија, Хрватска и Албанија се соочуваат со сериозни политички кризи.
Кризата во „Агрокор“, една од најголемите компании во Хрватска, предизвика растурање на владината коалиција. Минатата година, по предвремените општи избори, коалициска влада формираа Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и Движењето МОСТ, но на владиниот состанок во април, беше донесена одлука за раскинување на владината коалиција.
Опозициската Социјадемократска партија (СДП) излезе во преден план со обвинувањата насочени против министерот за финасии, Здравко Мариќ, за кризата во „Агрокор“. Премиерот Андреј Пленковиќ на владината седница соопшти дека нема да го разреши министерот Мариќ, по што реагираа тројца министри од Движењето МОСТ. Премиерот Пленковиќ побара министрите на МОСТ да поднесат оставки. По овие случувања, претседателот на хрватскиот Сабор и претседател на движењето МОСТ, Божо Петров, изјави дека МОСТ повеќе не може да биде дел од коалицијата и дека министрите на МОСТ ќе поднесат оставка, а и самиот тој ја напушта позицијата претседател на хрватскиот Сабор.
По гласањето за доверба на владата во април, падот на владата беше спречен за само еден глас. Сè уште не се избрани министри за испразнетите четири министерски места што ги напуштија членовите на МОСТ.
- Кризата во Македонија премина во насилство -
Во декември минатата година се одржаа предвремените избори во Македонија. Повеќе од 5 месеци не беше формирана влада во земјата. На изборите, ниту една партија не успеа да го освои потребното мнозинство за да може самостојно да формира влада, со што уште повеќе се продлабочи политичката криза којашто со години владее во земјата.
На изборите во Македонија, со тесно водство победи ВМРО-ДМПНЕ. Претседателот на партијата, Никола Груевски, го доби мандатот за формирање влада од претседателот Ѓорге Иванов, но не успеа во законскиот рок да формира коалиција со некоја од партиите што освоија пратенички места на предвремените избори. На овие предвремени избори, на второ место беше СДСМ, кој во формирањето на владата успешно соработуваше со албанските политички партии во Македонија. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на претседателот Иванов му ги достави потписите како доказ дека го има потребното мнозинство за добивање мандат за новата влада на Македонија, но Иванов изјави дека нема да го додели мандатот на коалицијата на СДСМ со албанските политички партии бидејќи е неуставна платформата што ја формира албанскиот блок во земјата, затоа што е изработена надвор од Македонија и ги прекршува нејзините закони. По оваа одлука, кризата уште повеќе се продлабочи.
Кризата растеше сè повеќе и повеќе поради седниците во македонскиот парламент, бидејќи на дневен ред не се поставуваше гласањето за нов претседател на парламентот.
ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да се гласа за нов претседател на Собранието, туку предлагаше нови општи избори, додека СДСМ инсистираше на избор на нов претседател на македонскиот Парламент. Коалицијата СДСМ и албанските партии во Македонија на седницата во македонскиот Парламент одржана на 27 април, и покрај противењето на ВМРО-ДПМНЕ, го изгласаа Талат Џафери за нов претседател на Собранието на Македонија, по што настанаа немири во македонскиот Парламент. Во Парламентот влезе поголема маса луѓе, меѓу кои и маскирани лица. Притоа беа повредени 100-ина лица, меѓу кои и народни пратеници, новинари и полицајци. И покрај сите противења, во „Службен весник“ на Македонија беше објавено дека нов претседател на македонскиот парламент е Џафери, со што тој стана првиот албански претседател на Парламентот во самостојна Македонија. По сиот овој развој на настаните, на 17 мај, претседателот Иванов му го предаде на Заев мандатот за формирање на новата македонска влада.
- Албанија: Земја во која опозицијата не учествува во работата на парламентот -
Една друга земја во која на почетокот од 2017 година настана политичка криза меѓу владата и опозицијата е Албанија. Опозицијата побара до 18 јуни, за кога се закажани изборите, да се формира преодна влада, а од февруари не учествува во работата на албанското Собрание и протестира пред него. И покрај протестите на опозицијата, не е формирана преодна влада, а на изборите закажани за 18 јуни ќе се оди со постоечката влада. По изборот на новиот албански претседател на Албанија на изборите одржани на 29 април, во рамките на законската процедура, минатата недела беше распуштен албанскиот Парламент.
news_share_descriptionsubscription_contact
