Ekipa
07 Јуни 2017•Ажурирај: 07 Јуни 2017
ДОХА (АА) - Министерот за надворешни работи на Катар, Мухамед бин Абдурахман ал-Тани, изјави дека за решавање на кризата со соседните земји, Катар е подготвен за дијалог и е отворен за посредници, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Подготвени сме за дијалог. Ние не сме супер сила и не веруваме дека овој проблем можe да се реши со судир“, рече Ал-Тани за CNN (Си-ен-ен), пренесува катарската новинска агенција „QNA“ (КНА).
Тој ги негираше обвинувањата дека неговата земја го поддржува тероризмот, и нагласи дека Катар се бори против финансирањето на тероризмот и придонесува за заштита на светот од потенцијалните терористи.
Ал-Тани одговори и на обвинувањата коишто на сметка на Катар ги упати Саудиска Арабија, која тврди дека оваа земја ги поддржува терористичките групи со цел да се наруши стабилноста на регионот.
„Оваа изјава е полна со противречности, затоа што се зборува дека од една страна ние го поддржуваме Иран, а од друга страна, екстремните групи во Сирија. Сите наводи дека го поддржуваме тероризмот се неточни. Катарските и саудиските безбедносни и разузнавачки агенции соработуваат и ѝ служат на националната безбедност на Саудиска Арабија“, рече Ал-Тани.
Осврнувајќи се и на пишувањето на американскиот претседател Доналд Трамп на „Twiter“ (Твитер), тој потсети дека Трамп за време на неговата посета на регионот се сретна со катарскиот емир, шеикот Тамим бин Хамад ал-Тани, и во таа пригода станало збор за тоа како да се запрат земјите што го поддржуваат тероризмот.
Министерот Ал-Тани нагласи дека во голем број извештаи на американските агенции, Катар е пофалуван за неговата улога и за придонесот во борбата против финансирањето на тероризмот.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАР), Египет, Бахреин и Јемен во понеделникот соопштија дека ги прекинуваат сите дипломатски односи со Катар, кого го обвинуваат за дестабилизација на регионот.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин го затворија својот воздушен простор за Катар и наредија катарските дипломати да ги напуштат тие земји во рок од 48 часа.
Властите на Јордан, исто така, ѝ се придружија на Саудиска Арабија и на другите земји и најавија блокирање на дипломатските односи со Катар.