Recep Şakar
07 Јуни 2017•Ажурирај: 08 Јуни 2017
МЕЛБУРН (АА) - Министерката за надворешни работи на Австралија, Џули Бишоп, изјави дека меѓу загинатите во терористичкиот напад на Лондонскиот мост има и двајца државјани на Австралија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Владата на Австралија со голема тага потврдува дека во терористичкиот напад во Лондон загинаа и двајца државјани на Австралија“, се вели пишаната изјава на Бишоп, објавена на веб-страницата на министерството.
Таа не наведе подетални информации за настраданите лица од Австралија, и порача дека во овие тешки и тажни моменти, од медиумите се очекува тоа да го почитуваат.
Но, во медиумите се наведува дека меѓу загинатите е 29-годишната медицинска сестра Кирсти Боден од Јужна Австралија. Втората жртва е најверојатно 21-годишната Сара Зеленк од Квинсленд, која таа вечер со пријателите била на Лондонскиот мост, а контактот со неа е изгубен по нападите.
Најмалку седум лица загинаа, а 48 се повредени во саботниот терористички напад којшто се случи во срцето на Лондон. Напаѓачите со комбе удрија во пешаци на Лондонскиот мост, а потоа го напуштија возилото и со ножеви напаѓаа луѓе кај пазарот Бороу, каде што полицијата ги уби сите тројца напаѓачи. Полицијата го окарактеризира нападот како терористички чин, а приведени се 12 осомничени лица кои подоцна се пуштени.
Одговорност за нападот во Лондон презеде терористичката организација ДЕАШ.