Pizaro Gozali Idrus
17 Март 2021•Ажурирај: 18 Март 2021
ЏАКАРТА
Организација за човекови права денес објави дека најмалку 202 лица се убиени во Мјанмар од неодамнешниот воен удар во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Досега се убиени 202 лица, најмалку две лица се убиени денес. Останатите жртви ќе бидат објавени кога ќе биде потврдено“, се вели во извештајот на Здружението за помош на политичките затвореници (AAPP) објавен синоќа.
Организацијата соопштува дека досега вкупно 2.181 лице биле приведени, обвинети или осудени во врска со обидот за државен удар на 1 февруари и демонстрациите што следуваа против него.
„На приведените не им е дозволено да се сретнат со нивните роднини и законски претставници, никој не знае каде се приведени толку многу од нив“, се вели во извештајот.
Според извештајот, откако воената хунта прогласила воена состојба, бруталните напади и убиства од страна на Војската и „таканаречената полиција“ се интензивираат.
„Луѓето во Бурма се нехумано напаѓани и убивани секојдневно од страна на хунтата“, се додава во извештајот.
Во меѓувреме, семејствата на десетици лица што загинаа на протестите присуствуваа на погребот во вторникот, додека демонстрантите се вратија на улиците против безбедносните сили и покрај зголемениот број жртви.
Стотици лица се собраа во неделата на погребот на студентот по медицина Кант Нир Хајн, убиен во Јангон.
„Нека ме убијат сега, нека ме убијат наместо мојот син затоа што не можам повеќе“, рече мајката на Хајн на видеото објавено на Фејсбук.
Мјанмарскиот режим воведе воена состојба во уште девет градови во регионите Јангон и Мандалај во понеделникот, еден ден откако безбедносните сили застрелаа речиси 40 демонстранти што бараа враќање на цивилното право.